Брисел, 14 октомври 2022 (МИА) – НАТО денеска информираше дека в понеделник ја почнува својата годишна нуклеарна вежба „Steadfast Noon“, со до 60 авиони што ќе учествуваат во тренажни летови над Белгија, Северното Море и над Велика Британија, со цел да се вежба користење американски нуклеарни бомби распоредени во Европа.
Нуклеарните вежби не вклучуваат вистински бомби.
„Steadfast Noon“, веројатно ќе се совпадне со годишните нуклеарни вежби на Москва, наречени „Гром“, што претежно се спроведуваат кон крајот на октомври и каде Русија ги тестира своите бомбардери, подморници и проектили што можат да носат нуклеарно оружје.
НАТО нагласи дека западните вежби не се поттикнати од тензиите со Русија изминатиот период.
„Вежбата што трае до 30 октомври, е рутинска, повторлива активност за обука и не е поврзана со какви било актуелни случувања во светот“, пишува на веб страницата на Сојузот.
Оттаму додаваат дека нема да се користи борбено оружје.
Како што се наведува во соопштението, Белгија е домаќин на вежбите, каде ќе учествуваат 14 земји и до 60 авиони, вклучувајќи ги најнапредните борбени авиони на пазарот и американските бомбардери со долг дострел Б-52 што ќе пристигнат од воздухопловната база Минот во Северна Дакота.
Во вторникот, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг јасно даде до знаење дека Алијансата ќе продолжи со своите вежби и покрај напнатата меѓународна состојба, потсетуваат дел од светските медиуми.
Откажување на вежбите поради војната во Украина, според него, би испратило „многу погрешен сигнал“. Тој смета дека воената сила на НАТО е најдобар начин да се спречи понатамошна ескалација на тензиите.