Кениската атлетичарка Хивон Нгетич го воодушеви светот, откако неделава, на маратонот во Остин буквално на колена ја помина целната линија.
29-годишната маратонка беше на чело на трката и на самиот праг на победата, но на околу 50-тина метри од финишот колабираше. Нејзиното тело откажа послушност и таа не беше способна ниту да оди, а камо ли да трча. Медицинскиот персонал и притрча на помош, нудејќи и инвалидска количка, но тогаш сите останаа со подзинати усти. Нгетич решително ја одби медицинската помош, бидејќи тоа би значело дисквалификација, и продолжи да лази на колена кон целта. Нечовечката упорност што таа ја прикажа ги воодушеви сите присутни, но и се исплатеше. Иако во меѓувреме ја поминаа две маратонки и заврши раскрварена од лазењето по асфалтот, Нгетич го освои третото место.
При прегледот во медицинскиот шатор се востанови дека нивото на шеќер во нејзината крв било опасно ниско. И самата атлетичарка признава дека не се сеќава на финишот.
„Не се сеќавам што се случи и не ја видов финиш линијата. Не се сеќавам ниту на ползењето, ниту на моментот кога сум колабирала“.
Директорот на трката, кој не можеше да ја скрие импресионираноста, ја нарече атлетичарката „најцврстата личност на планетата“. Тој и ја зголеми паричната награда како да го освоила второто место, обраќајќи и се со зборовите: „Ја истрча најхрабрата трка и го исползи најхраброто лазење што сум го видел во животот! Ги заслужуваш сите почести“.
Ако се уште сте скептични околу големината на делото на Хивон, можеби ќе ве разубеди д-р. Лора Голдберг – специјалист по спортска медицина на Клиниката на Кливленд. Таа е згрозена од начинот на кој светот ја доживеа веста за Нгетич. За ABC, таа рече дека ваквите подвизи се екстремно опасни и дека „не треба да постои ниту една причина за некој (спортист) да се обиде да го направи истото, никогаш“.
Сеедно, Нгетич планира и следната година да учествува на маратонот во Остин. „Трчањето, секогаш мораш да продолжиш, понатаму и понатаму“, вели таа.