Џошуа Сутклиф, 27-годишен наставник по математика во основно училиште во Оксфордшир, Англија, се соочува со потенцијален отказ откако мајка на едно од децата – трансродно момче, се пожалила на неговото однесување.
Имено, за време на еден од часовите, Сутклиф ги пофалил момчето и неговата другарка со нешто во стилот на „браво, девојчиња, добро сработено“ (точните зборови: „well done, girls“), иако „знаел дека ученикот се идентификува како момче“… Според поплаката, Сутклиф и во други наврати го ословувал момчето со женски заменки.
Поплаката резултирала со суспензија на наставникот, а наведената причина е „misgendering“. Следниве неколку дена наставникот го очекува дисциплинарно сослушување, при што веројатно ќе биде одлучена и неговата конечна судбина.
Сутклиф, од друга страна, тврди дека е подложен на нефер третман, и дека школото се обидува да истурка „либерална, левичарска агенда“. Во интервјуто за Mail Online вели дека дека во спорната ситуација се работело за ненамерна грешка, но тој лично смета дека именувањето на ученикот како девојче е правилно.
„Бев апсолутно шокиран кога ми кажаа дека сум под истрага. Не знаев што се случува. Беше надреално, како во роман на Кафка“, вели наставникот. Вели дека во разговорот со директорот му посочил дека се работи за еднократна грешка и се извинил, но овој инсистирал истрагата да продолжи.
Со ова – што го тераат да го посочува трансродното момче како машко, смета Сутклиф, школото ги прекршува неговите човечки права.
Сутклиф, кој патем, се идентификува како христијанин, има поддршка и од Христијанскиот правен центар. Андреа Вилијамс – директор на истиот, вели дека „ова е само еден од сé поголемиот број на случаи со кои се сретнуваат, а во кои наставниците се замолчувани или казнети кога одбиваат да се покорат на тековната трансџендер манија“.