Наскоро на 365 – Throttle.Brake со Моралиќ Брацо

Брацо е роден пред околу 30 години во Скопје, Дебар Маало. Пред некои си година и пол – две се пресели во Катар каде работи како тестер на возила. Денес ќе се претстави, а од наредна недела ја гази педалата за гас до даска и интензивно почнува да се дружи со вас, сакале нејќеле. Ќе зборува за историографија на автомобилизам и постојано ќе ве запознава со секакви содржини поврзани со најдобрите автомобили. Како што кажува и самиот, во неговата рубрика нема да прочитате ништо за Шкода Октавија или Дачија Сандеро. Сигурно ќе ви се допадне ако ги следите најновите светски авто-магазини, па и ако ви се мотаат некои 200 – 300 илјади евра во џеб. Брацо, изволте…

Епа вака, најпрвин, голема благодарност до 365, што ми го овозможи ова катче во кое ќе можам на некој начин да се испразнам и со вас да ги споделам моите познавања во областа на автомобилизмот.

Живеам и работам некаде на просторот помеѓу реките Вардар, Нил и Еуфрат. Себеси се сметам за добар познавач на автомобилската индустрија и ентузијаст. Преку моите текстови, ќе пробам да ви го доловам моментот на спортските автомобили, нивната душа, нивниот карактер и пасијата за нив. Ќе пишувам за тоа како настанале најдобрите и најкултните автомобили, преку интересни тестови, компарации, уникатни материјали, видеа, кои ќе ги снимам самиот или некои мои соработници.

Роден сум во Скопје пред околу 30 години  во доба на Застава, Лада, Москвич итн. Немало баш некој избор. Околу 90-тите, автомобилите ми станаа пасија. Во тоа време се сеќавам дека Мерцедес вгради ABS во нивната тогаш нова Е класа и имаше реклама како некој шизик ја тера по снег и кочи од време на време….

Тоа време бев со моите родители на одмор во Шпанија, кога за прв пат во животот видов Lamborghini Diablo. Перверзија во жолто. Прво Lamborghini кое ја поминува границата 320 км/ч. 5.7 литарски мотор, 12 цилиндри и 5 степен мануелен менувач. Монструм. Од денешен аспект too much hardcore. А пак тие симфониски звуци, мелем за уши. И така бидна, јас се заљубив во автомобилите. Голема љубов, купував дури списанија GenteMotori, Automobilismo на италијански јазик и да бидам искрен за дете од некои си 10 години доста ги разбирав. Такви беа моите почетоци кон овие совршенства, и љубов која до ден денешен ја негувам.

Живееме во според мене, најдобрите и најиновативните времиња во човековата историја, настрана војни и сите други ствари. Време на Меси и Роналдо, на неверојатни технолошки достигнувања, на iPhone и Samsung, време на Светото тројство (Ferrari LaFerarri, Mclaren P1 и Porsche 918 Spyder), на Величенствениот Buggatti Veyron, на ремек делата од Koenigsegg.

Јас ќе се обидувам сите овие Титани да  ги прикажам во добро и лошо светло, односно нивните предности и недостатоци, а на Вас драги мои, останува да донесувате Ваш заклучок и да ја продлабочувате Вашата љубов и пасија кон автомобилите, но без да ги запоставувате жените. Следната недела, епизода 1, мои но и експертски мислења и гледишта за “Тројството” Ferrari LaFerrari, Mclaren P1 и Porsche 918 Spyde, на долго и широко со инзвонреден и уникатен материјал. Ова е интро-пилот епизода и запознавање со Вас, затоа ве оставам да уживате во убавините на автомобилите и спортското возење со едно евергрин  инспиративно видео.

Ваш,
Брацо Моралиќ
Throttle.Brake

- Реклама -