Населба со 250 идентични куќи зјае празна во Турција (ФОТО, ВИДЕО)

BURJ AL BABAS е населба „на духови“ во регионот Болу во Турција која почнала како проект за ексклузивна населба со вили изградени во готски стил. Во меѓувреме плановите застраниле и од сето тоа е останат само безживотен куп „дворци“ кој делува тотално без поента.

Првичниот проект таргетирал главно клиенти од странство, а во него се вложени повеќе од 203 милиони долари. Бил замислен како населба со 732 вили, хотел, џамија и јавни простори. Изградбата почнала во 2011-та, а за вилите главно интерес пројавувале Арапи.

Нештата се искомплицирале откако против инвеститорот била покрената тужба за уништување на околните шуми и фрлање отпад во околното подрачје. Во 2016-та била покрената истрага, а поради стопирањето на продажбата, наскоро компанијата прогласила банкрот. Така, по завршената изградба на 250 вили, проектот останува незавршен.

Меѓутоа, судот неодамна дозволи продажбата да продолжи, пренесува Hürriyet Daily News. Тоа ги заживеа надежите на инвеститорите дека за 4-5 месеци ќе ја „надвладеат кризата“ и ќе го завршат проектот до крајот на годинава.

Сепак, проектот го следи голема мана уште од самиот почеток – изгледот, се разбира. Не само што не се вклопува во традиционалниот изглед на куќите во тоа подрачје, туку кој нормален би сакал да живее во ваква надреална населба со над 700 исти куќи?

- Реклама -