НАСА и вештачката интелигенција на Гугл најдоа сончев систем сличен на нашиот

„Големото откритие“, како што го нарекуваат НАСА и Гугл, се должи на откривањетп на нова планета – Kepler-90i – жешка, каменеста топка која кружи околу ѕвезда слична на сонцето, наречена Kepler-90, која се наоѓа на 2.545 светлосни години од Земјата.

Планетата е најдена со помош на систем за машинско учење (deep learning) во сопственост на Гугл, кој овојпат бил ангажиран да чешла податоци собрани од Kepler леталата на НАСА. Kepler е вселенски телескоп кој ја следи Земјата во нејзината орбита околу сонцето, и низ годините има „зјапано“ кон 145.000 ѕвезди налик на сонцето, сé со цел откривање на далечни планети.

Астрономите и претходно знаеја за Kepler-90 соларниот систем, но ја немаа откриено оваа планета. Оваа е трета најблиска до тамошното „сонце“, и орбитира на секои 14 дена. Температурата на површината на планетата е веројатно околу 980 Целзиусови.

Што се однесува до системот за машинско учење, инженерот на Гугл за вештачка интелигенција – Кристофер Шалју, вели дека развиле алатка што ќе им помогне на астрономите „да имаат повеќе импакт“. За да ја најде оваа нова планета, системот на Гугл научил како да идентификува сигнали од егзопланети снимени меѓу податоците од Кеплер. Системот работи на принцип на неврална мрежа (значи слично како што мозокот обработува информација) и обработил 14 милијарди дата единици собрани во период од 4 години преку слики од Кеплер.

Прочитајте и:  Нови снимки од Јупитер, веројатно најдобрите досега

НАСА и Гугл се согласни – оваа нова технологија ќе им помогне на научниците да најдат многу други егзопланети во иднина. Дури и сончевиот систем Kepler-90 може да се покаже дека има повеќе планети кои сé уште ги немаме откриено.

„Дали соларен систем со 8 планети како нашиот е навистина толку извонреден? Можеби таму надвор има системи со толку многу планети што нашиот ќе изгледа сосема обичен“, вели Ендрју Вандербург од универзитетот во Тексас, кој помогна во наоѓањето на Kepler-90i.

Што се однесува до загриженоста дека AI системот на Гугл ќе ги остави астрономите без работа, не се секирајте. Џеси Дотсон – научник од проектот Kepler, објаснува дека астрономите секогаш ќе бидат потребни за да ги класифицираат објектите пред таа информација да ја внесат во неврална мрежа за да може вештачката интелигенција да научи како да гледа на новите податоци. Што значи дека машините ќе работат рамо до рамо со астрономите, а не на нивно место.

Што се однесува до бројот на потврдени егзопланети, пак, моменталнио број е 2.525. 10 од нив се каменести, со големина слична на Земјата, и потенцијално населени со вонземски живот.

 

- Реклама -