Наидовме на снимка од магнетна резонанца од двајца луѓе додека зборуваат. Нé потсети на една предобра кратка научно-фантастична приказна од Тери Бисон, номинирана за Nebula Award (награда за научно-фантастично дело на годината во САД). Стварно пропуштате ако не ја прочитате. Оди вака:
НАПРАВЕНИ СЕ ОД МЕСО
(They’re Made Out of Meat)
– Направени се од месо.
– Месо?
– Месо. Направени се од месо.
– Месо?!
– Нема дилема. Собравме неколку од различни делови на планетата, ги качивме на нашите извиднички бродови и го темелно ги сондиравме. Тие се целосно од месо.
– Тоа е невозможно. А што е со радио-сигналите? Пораките до ѕвездите?
– Користат радио бранови за да зборуваат, но сигналите не доаѓаат од нив. Сигналите доаѓаат од машини.
– Тогаш, кој ги направил машините? Со него сакаме да контактираме.
– ТИЕ ги направиле машините. Тоа се обидувам да ти кажам. Месото ги направило машините.
– Тоа е смешно. Како може месо да направи машина? Бараш од мене да верувам во месо со свест?
– Не барам, ти кажувам. Овие суштества се единствената интелигентна раса во тој сектор, и се направени од месо.
– Можеби се како орфолеи. Ти текнува? Интелигенција базирана на јаглерод која поминува низ фаза на месо.
– Ноуп, тие се раѓаат како месо и умираат како месо. Ги прочувавме во период од неколку нивни животни векови, што не траеше долго. Имаш ли воопшто претстава колку е животниот век на месото?
– Поштеди ме. Океј, можеби се само делумно месо. Знаеш, како ведилеите. Глава од месо со мозок од електронска плазма во неа.
– Не. Ни текна и на тоа, бидејќи имаат глава од месо, како ведилеите. Ама ти кажувам, ги сондиравме и испитавме темелно. Тие се месо од глава до пети.
– Нема мозок?
– Ох, дефинитивно има мозок. Само што, мозокот е направен од месо! Тоа се обидувам да ти кажам.
– Тогаш… Кој го прави мислењето?
– Не разбираш, нели? Одбиваш да се соочиш со тоа што ти го кажувам. Мозокот го прави мислењето. Месото.
– Месо што мисли! Бараш да поверувам во месо што мисли!
– Да, месо што мисли! Свесно месо! Месо што љуби. Месо што сонува. Во месото е целата работа! Почнуваш ли да ја сфаќаш поентата или одново треба да почнам да објаснувам?
– Омојбоже. Ти си сериозен. Тие СЕ направени од месо.
– Фала ти. Конечно. Да. Тие навистина се направени од месо. И тие се обидуваат да стапат во контакт со нас веќе скоро сто нивни години.
– Омојбоже. Тогаш, што му е намерата на ова месо?
– Прво, тоа сака да зборува со нас. Потоа, претпоставувам, сака да го истражува Универзумот, да контактира со друга интелигенција, да разменува идеи и информација. Вообичаеното.
– И што, ние сега треба да зборуваме со месо?
– Тоа им е идејата. Тоа е пораката што ја праќаат преку радио. „Здраво. Има ли некој таму надвор. Има ли некој дома“. Такви ствари.
– Значи тие зборуваат, всушност. Користат зборови, идеи, концепти?
– О да. Само што, тоа го прават со месото.
– Па нели ми кажа дека користат радио.
– Да, ама што мислиш дека е на радиото? Звуци од месо. Ти текнува како кога ќе шлапнеш или ќе распавташ месо, создава звук? Тие зборуваат шлапајќи си ги месата едни кон други. Дури можат и да пејат шприцајќи воздух низ нивното месо.
– Омојбоже. Месо што пее. Ова е премногу. Па, што советуваш?
– Официјално или неофицијално?
– Двете.
– Официјално, од нас се бара да контактираме, да им посакаме добредојде и да ги евидентираме сите свесни раси или мултисуштества во овој квадрант од Универзумот, без предрасуди, страв или благонаклонетост. Неофицијално, советувам да ги избришеме снимките и да заборавиме на целава работа.
– Се надевав дека ќе го речеш тоа.
– Звучи сурово, но сé си има граница. Дали навистина сакаме да контактираме со месо?
– Се согласувам 100 проценти. Што има да им се каже? „Здраво, месо. Како е?“ Но, дали тоа воопшто ќе функционира? За колку планети зборуваме, всушност?
– Само една. Тие можат да патуваат до други планети во специјални конзерви за месо, ама не можат да живеат на нив. И со оглед дека се месо, можат да патуваат само низ C-простор. Што ги ограничува на брзината на светлината и ги прави шансите да остварат контакт со некого прилично мали. Бесконечно мали, всушност.
– Значи, само ќе се преправаме дека нема никој дома во Универзумот.
– Баш така.
– Сурово. Но како што рече и самиот, кој сака да сретне месо? А тие што биле на нашите бродови, тие што сте ги сондирале? Сигурен си дека нема да се сеќаваат?
– Ќе ги сметаат за лудаци ако се сетат. Им влеговме во главите и им го измазнивме месото, за да изгледа како ние за нив да сме само сон.
– Сон на месо! Колку чудно и погодно, тоа да сме му сон на месо.
– И го означивме целиот сектор како ненаселен.
– Одлично. Се сложувам, официјално и неофицијално. Случајот е затворен. Некои други? Уште некој заинтересиран од таа страна на галаксијата?
– Да, малку срамежливи ама фина хидрогена јадрена кластер интелигенција во ѕвезда од класа девет во зоната G445. Бевме во контакт пред две галактички ротации, сега сакаат пак да се пријателски.
– Секогаш се враќаат.
– А зошто да не? Замисли колку неподносливо, колку неизмерно студен би бил Универзумот кога некој би бил целосно сам…