Направена првата успешна трансплантација на пенис во светот

Хирурзите во Јужна Африка впишаа нова страница во историјата на медицината. Тие ја направија првата успешна трансплантација на пенис.

Пионерската операција на хирурзите од Кејптаун значи втора шанса за големиот број на јужноафриканци кои ги губат своите пениси како резултат на компликации при обрежувањето.

Првичните проценки на хирурзите беа дека ќе бидат потребни 3 години за пенисот на нивниот 21-годишен пациент, чиј пенис бил ампутиран пред 3 години откако беше обрежан, да се врати во функција. Но, наместо тоа, пациентот ја дочекал радоста за само 4 месеци, а операцијата е означена како огромен успех.

Комплексната операција беше планирана цели 5 години. Главниот хирург, проф. Андре ван дер Мерве, изјави дека е „многу изненаден од неговото брзо опоравување“. Тој смета дека постигнале масивен напредок, докажувајќи дека таквиот потфат е сосема можен – „некому да му се даде орган што е исто толку добар како оној што го имал“.

„Овде во Јужна Африка има поголема потреба од ваквиот тип на процедура отколку било каде во светот, бидејќи многу млади мажи ги губат своите пениси, секоја година, како последица на традиционалните методи на обрежување“.

Иако операцијата беше пробана и порано, оваа последната е прв пример на успешен резултат, следејќи ги техниките користени при првата трансплантација на лице во светот.

„Го користевме истиот тип на микроскопска операција за да ги поврземе малите крвни садови и нервите… За млад човек на возраст од 18 – 19 години, губењето на пенисот може да е длабоко проблематично. Едноставно, тој ја нема психолошката компатибилност за да се избори за такво нешто. Извештаите покажуваат и дека не е ретка појавата на самоубиство кај овие луѓе“.

Покрај хирурзите, човештвото треба да им се заблагодари и на донаторот и неговото семејство. Тие спасија многу животи, донирајќи ги срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб, кожата и пенисот на починатиот.

- Реклама -