Највлијателниот банкар (и можеби најбогатиот човек) на сите времиња

Ако денес беше жив, Јакоб Фугер (1459-1525 г.) ќе беше побогат од Бил Гејтс, Ворен Бафет, Карлос Слим и Марк Закерберг – заедно, вели Грег Шајнмец – автор на неговата биографија.

Според Шајнмец, германскиот банкар и трговец, кого го нарекувале „Фугер Богатиот“, своевремено успеал да натрупа богатство кое денес би било еквивалент на 400 милијарди долари. Затоа Шајнмец го смета Фугер за најбогатиот човек во историјата, а и така ја насловува нему посветената биографска книга, издадена во 2015-та.

Споредбата на богатствата од различни историски периоди е зезната работа, па затоа многумина тврдат дека вакви заклучоци не можат да бидат носени со сигурност. Затоа по интернетов ќе прочитате за барем неколку луѓе претставени како „најбогат во историјата“, меѓу кои и Муса Муса, за кого пишувавме порано. И додека таквата титула е спорна во случајот на Јакоб Фугер, во едно нешто Шајнмец е сосема сигурен – дека Фугер бил највлијателниот банкар на сите времиња.

Што го прави таков?

„Во ерата во која живее Фугер – Ренесансата, светот го контролираат двајца – императорот на Римската империја, и Папата. А Фугер ги финансирал и двајцата“, истакнува биографот. Според него, ниту еден друг банкар во историјата немал толку големо влијание врз политичката власт како што имал Јакоб Фугер.

„Фугер, на пример, решава дека кралот на Шпанија – Карлос I, треба да е римски император. И токму тој успева да го издејствува истото, поставувајќи го како император под името Карл V. Карл V, пак, ќе биде тој што ќе го колонизира Новиот свет. Историјата немаше да е иста, ако не дојдеше тој на власт“, пишува Шајнмец.

Зошто не е познат? 

Како тогаш да се објаснат оскудните информации за Јакоб Фугер, со оглед дека знаеме прилично многу за неговите современици како Медичи, Лукреција Борџија и Николо Макијавели?

Еден од одговорите, според Шајнмец, е што Фугер бил Германец и не успеал да се прочуе меѓу народите од англиско говорно подрачје. Впрочем, тоа е и причината што го мотивирала да ја пишува биографијата за банкарот.

„Бев главен уредник на редакцијата на Wall Street Journal во Берлин, и чув да го спомнуваат Фугер, но не најдов ниту еден текст на англиски за него“, раскажува тој.

Сепак, главната причина што Фугер го знаат само малкумина надвор од неговата татковина, е веројатно тоа што не бил толку „колоритен“ (читај: интересен) како другите негови современици, особено уметниците. Фугер не сакал да стане ни папа, а немал ни амбиции да стигне до политичка функција. Како резултат, поретко спонзорирал некој од ренесансните уметници. Неговиот најпознат проект е Fuggerei во неговиот роден Аугсбург. Fuggerei практично бил мало средновековно гратче и првиот социјален станбен комплекс во светот, а во кој се живее и денес. Неговите жители плаќаат симболична кирија од 1 долар годишно.

„Банкарите се навикнати да работат зад кулисите“, додава Шајнмец.

Што сé ни остави Фугер? 

Како и социјалните живеалишта, влијанието на Фугер се чувствува дури и денес, иако не сме свесни.

1. Ја создава првата меѓународна компанија

Во негово време економската дејност била ограничена. Богатите живееле во своите земји и од трудот на селаните, кои во замена добивале заштита. Фугер давал кредити, а за возврат се здобил со право врз рудниците, што ќе му помогне да ја монополизира трговијата со мед и сребро. Тргувал и со зачини, а бидејќи биле носени од далечните краеви на светот, тоа му наложило да ја создаде првата меѓународна компанија.

2. Го создава првиот сервис за јавно информирање (вести)

Фугер знаел дека информацијата е богатство, и сакал да да ја добива секогаш чекор порано од конкурентите. Со таа цел плаќал вестоносци во разни градови, кои редовно го снабдувале со информации за трговските и политичките случувања во истите. Наследниците на Фугер ја продолжиле неговата традиција, а тоа на крајот резултира со Fugger Newsletters – сметан за еден од првите дневни весници во историјата.

3. Ги создава сметките за штедење во нивната современа варијанта

Видни современици на Фугер, како семејството Медичи, поседувале банки, но Католичката црква го забранувала исплаќањето на камати. Фугер, меѓутоа, го убедил папата Лав X, кој бил негов клиент, да ја тргне забраната. Така, Фугер почнал да нуди годишна камата од 5% за сите клиенти кои ќе ги внесат своите пари во неговата банка во Аугсбург.

4. Ги финансирал морепловците

Кога Колумбо ја открил Америка, Фугер имал 33 години. Тој бил живо заинтересиран за економскиот потенцијал на таквите експедиции, па го финансирал првото патување до Индија. Освен тоа, Фугер е и еден од финансиерите на обиколката на светот на Фернандо Магелан.

5. Ја предизвикал протестантската Реформација

Еден од бизнисите на Фугер со Ватикан била и продажбата на индулгенции (простувања на гревови). Тоа било негов предлог, како форма на финансирање на катедралата „Свети Петар“. Половината од собраните средства оделе за таа цел, а другата половина останувала за него.

Годинава се одбележуваат 500 години откако Мартин Лутер почнува да протестира против таквиот бизнис, поставувајќи ги основите на Реформацијата.

- Реклама -