Џон Тинисвуд, Англичанец роден во истата година со потонувањето на легендарниот пароброд „Титаник’, човек кој преживеал две светски војни и две пандемии, почина на 112-годишна возраст, објави во вторникот Гинисовата книга на рекорди, неколку месеци по неговото регистрирање како најстариот маж на светот.
Тинисвуд починал во понеделникот во пензионерски дом во Саутпорт, северозападна Англија, опкружен со „музика и љубов“, изјави неговото семејство во Гинисовата книга на рекорди.
„Џон имаше многу квалитети. Беше интелигентен, решителен, храбар, смирен во секоја криза, талентиран за математика и одличен разговорник“, велат тие.
Роден е во Ливерпул во август 1912 година, каде на танц ја запознал својата сопруга Блодвен. Се венчале во 1942 година во средината на Втората светска војна, кога тој служел во Кралскиот воен платежен корпус, кој бил задолжен за финансиите и снабдувањето со храна.
Тинисвуд, кој зад себе остави ќерка, четири внуци и три правнуци, подоцна работел како сметководител во нафтената индустрија, пензионирајќи се на 60-годишна возраст. Неговата сопруга починала во 1986 година.
Од 100 до 110 години секоја година добивал роденденска честитка од покојната кралица Елизабета Втора, која била 14 години помлада од него.
Освен што секој петок ја консумирал својата омилена храна – пржена риба и чипс, Тинисвуд не следел некоја посебна диета.
Дури и во пензија, тој беше постојано ментално активен, следејќи ги вестите и управуваше со своите финансии, што можеби придонесе за неговата долговечност, се вели во Гинисовата книга на рекорди.
Кога во април годинава бил информиран дека ја добил титулата најстар човек на светот, Тинисвуд изјавил дека не постои голема тајна за неговата долговечност и дека верува дека едноставно е роден под среќна ѕвезда. „Живеете долго или живеете кратко… и нема многу што можете да направите за тоа“, рекол тогаш.