Најмалку 27 торнада пријавени на Флорида, три милиони домови без струја

Најмалку 27 торнада се пријавени на Флорида додека ураганот Милтон продолжува да се движи низ државата, соопшти Националната метеоролошка служба (NWS).

Повеќе од 125 предупредувања за торнадо вчера беа издадени од канцелариите на NWS во заливот Тампа, Мелбурн и Мајами, што е најголем број предупредувања за торнадо издадени во еден ден за државата Флорида, соборувајќи го претходниот рекорд од 69 издадени во септември 2017 година за време на ураганот Ирма, јави Си-Ен-Ен.

Шерифот на округот Сент Луси, Кит Пирсон, рече дека стотици домови се уништени во округот и дека има загинати, но не сакаше да даде точен биланс на жртви, освен да каже дека станува збор за „повеќе од едно лице“.

Прочитајте и:  Лавров: На Русија не и е грижа кој ќе победи на претседателските избори во САД

Метеорологот на NWS, Џенифер Хабард, утринава изјави дека дождот и силните ветрови ќе продолжат во некои области дури и кога Милтон ќе се повлече од источниот брег.

NWS рече дека „умерени до тешки“ поплави се очекуваат во текот на целата недела како резултат на врнежите од невремето.

Полицијата и противпожарните служби на Орландо се вратија на терен откако накратко се засолниле поради силните ветрови што го погодија градот во текот на ноќта.

Повеќе од три милиони домаќинства останаа без струја. Меѓу најтешко погодените области се крајбрежните окрузи, вклучувајќи ги Пинелас, Хилсборо, Манати и Сарасота, како и округот Харди.

- Реклама -