Оваа година светот беше потресен од еден исклучително голем корпоративен скандал, директно од седиштето на најголемиот европски производител на автомобили – Volkswagen. Не е ни прв, а сигурно не е ни последен.
Сметководствената измама од Olympus
Поранешните раководители на производителот на фотографска опрема признаа сметководствени измами во вредност од 1.7 милијарди долари, спроведени во период од над десет години. Овој скандал речиси доведе до банкрот на јапонската компанија. Беше откриен во 2011 година, кога поранешниот извршен директор на компанијата – Мајкл Вудфорд, откри сомнителни исплати во сметководството на компанијата.
Корупцискиот скандал со бразилската државна нафтена компанија Petrobras
До овој момент, проценетата штета од овој скандал е околу 2 милијарди долари. Скандалот ја тресе компанијата со месеци, непрекинато откривајќи нови и нови податоци поврзани со аферата. Обвинителите го товарат поранешниот извршен директор на компанијата за незаконско пренасочување на милијарди компаниски пари за лична употреба или за мито на официјални претставници. Над 80 лица, вклучувајќи и високи бразилски политичари, се вмешани во скандалот.
Скандалот со валутни манипулации
Беше обелоденет во 2012 година, кога од Barclays признаа дека учествувале во шемата за манипулација на меѓубанкарската стапка LIBOR. Таа стапка се користи за одредување на цената на долговите, и тоа долгови во износ од трилиони долари низ целиот свет. Штетата по индустријата, до моментов, се проценува на околу 9 милијарди долари. Падна и првата пресуда за банкарот Том Хејс, осуден на 14 години, бидејќи се верува дека тој е најзаслужен за манипулирањето на каматната стапка.
Пирамидата на Берни Медоф
Штетите од оваа измама, дело на некогаш почитуваниот финансиски експерт Берни Медоф, се проценува на околу 20 милијарди долари. Тој се изјасни за виновен во врска со обвиненијата со кои се товареше и во моментов отслужува затворска казна која во паралелен универзум би траела 150 години.
Сметководствениот скандал кој го донесе Enron до банкрот
Енергетскиот гигант Enron банкротираше во 2001-та година, преземајќи ја титулата на најголем корпоративен банкрот во САД. Штетите од сметководствените измами кои доведоа до таа ситуација се проценуваат на 74 милијарди долари. Пензиските сметки на илјадници вработени на компанијата исчезнаа преку ноќ, а акциите поевтинија од 90.75 на 0,67 долари.
Сметководствената измама во WorldCom
Некогаш втората најголема компанија на полето на фиксната телефонија исто така стана жртва на сметководсвени скандали, што ја чинеше загуби од 107 милијарди долари. Компанијата банкротираше во 2002-та година, откако стана јасно дека компаниските менаџери предизвикале вештачка инфлација на вредноста од дури 11 милијарди долари, преку лажни сметки. Бернард Ебар, поранешниот извршен директор на компанијата, е осуден на 25 години затвор.
Скандалот со Volkswagen
Според специјалистите од Credit Suisse, штетите од скандалот се на пат да достигнат 87 милијарди долари. Од компанијата негодуваат дека оваа сума е нереално висока, но утврдувањето на реалната штета е многу тешко и веројатно е дека загубите ќе бидат уште поголеми по целосното расчистување на скандалот.