Најчевска предлага 5 точки за реципроцитет: Бугарија да го признае географскиот регион „Пиринска Македонија“

За секоја точка со барања од страна на Република Бугарија треба да има реципрочно барање од страна на Република Македонија. Без реципроцитет, билатералното договарање не е веќе договарање туку облик на ултиматум, порача професорката Мирјана Најчевска од партијата „Твоја“, за петте точки кои Бугарија бара да бидат исполнети од страна на Македонија.

Најчевска го предлага следново:

„1. Република Бугарија ќе го препознае делот од географскиот регион Македонија кој се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија, како посебен регион со неговото изворно име “Пиринска Македонија“.

2. Во однос на втората точка, Република Бугарија ќе гарантира спроведување на ратификуваните договори за заштита на националните малцинства на својата територија во однос на сите оние кои себе се перципираат како Македонци, и, извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права во врска со случаите поврзани со правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија.

3. Република Бугарија да започне процес на рехабилитација на жртвите на сите досегашни режими кои се репресирани на нејзината територија заради нивната македонска самосвест. Во исто време да започне процес на препознавање на македонскиот јазик и негово изучување во рамките на образовниот систем. Овој историски гест од страна на Република Бугарија би требало да ги одрази вредностите кои ги има прифатено како членка на ЕУ. Во оваа смисла, ќе се врати ситуацијата од 1946 година кога е признаено постоењето на македонското малцинство на територијата на Република Бугарија (од времето на Георги Димитров).

4. Република Бугарија да пристапи кон сериозно преиспитување на содржините на наставните програми на сите нивоа од образованието со цел објективно рефлектирање на историските факти и исфрлање на содржините кои го негираат постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонското малцинство на територијата на Република Бугарија.

5. Република Бугарија ќе се извини на Република Северна Македонија за окупацијата во текот на Втората светска војна, жртвите на таа окупација и штетите нанесени во текот на окупацијата. Посебно извинување ќе се упати на еврејската заедница во Република Северна Македонија, чии припадници се депортирани од страна на бугарските окупациони власти во текот на Втората светска војна од територијата на денешна Република Северна Македонија“, наведува Најчевска.

- Реклама -