Нај…нај…најголемите автомобилски салони во светот

Несомнено дека највредните саемски остварувања кога се во прашање автомобилите се под капата на OICA, а во 2013 ги имаше навистина многу и сите на свој начин ја одбележаа годината што изминува.


Во нај…нај… работите во 2013, во Авто Плус, тема се автомобилските салони. Без сомневање и натаму највредни остварувања се оние во Детроит, Женева, Франкфурт и Токио, каде што производителите се обидуваат да се претстават во најблескаво издание, но по она што го видовме во годината што изминува ни најмалку според својот гламур, па ниту и светските премиерни изданија, не заостануваат салоните во Пекинг, Њујорк, Лос Анџелес, Шангај, Дубаи…

Најстариот автомобилски салон е одржан во Берлин во 1897 година. Подоцна неговите организатори го преместија во Франкфурт. На првото шоу се прикажани осум автомобили, а денес тој број е за стотици поголем.

Еве ги највпечатливи настани во светот на оваа тема за 2013:

Дубаи – 100.000 посетители
Dubai International Motor Show се одржува на секои две години. На оваа манифестација секогаш може да се видат екстремно скапи модели, Што е и сосема очекувано. Најскапиот експонат годинава беше Lamborghini Aventador LP700-4 со цена 7,4 милиони долари! Тој е покриен со злато и 700 скапоцени камења. Оваа година саемот се одржа помеѓу 5 и 9 ноември. Беа претставени над 150 компании и 600 модели на автомобили. Од 600-те прикажани автомобили, 180 беа премиери, што беше светски рекорд. Меѓу експонатите беше Bugatti Meo Costantini што чинеше 2,8 милиони долари. Вредноста на сите прикажани автомобили беше 136 милиони долари.

Катар – 120.000 посетители
Qatar Motor Show во град Доха е од поновите изложби, за прв пат се одржа во 2011 година. Оваа година тој се одржи по трет пат – од 29 јануари до 2 февруари. Бејрутската компанија W Motors го покажа првиот арапски супер автомобил – Lykan Hypersport. Тој има кожен ентериер, украсен е со дијаманти, а моќта е 750 коњски сили, цената е 3,4 милиони долари!

Гуангжу – 140.000 посетители
Во последните години Кина стана најголем автомобилски пазар во светот, како и во 2013 година, бидејќи во земјата се продадоа 21 милиони автомобили, што е за шест милиони повеќе од продажбата во САД. Guangzhou International Motor Show е вториот по големина салон во Кина, по Shanghai Motor Show. Оваа година тоа се одржи меѓу 21 и 28 ноември. Највредниот експонат беше Jaguar C-X17.

Женева – 690.000 посетители
Оваа година салонот се одржа помеѓу 7 и 17 март и тоа беше негово 83-то издание. Најскапиот прикажан автомобил беше Lamborghini Veneno – 4 милиони долари. Актуелни оваа година беа хибридните автомобили и  одбележувањето на 50-годишнината на Lamborghini.

Шангај – 813.000 посетители
Shanghai Motor Show се одржа помеѓу 21 и 29 април. Најголем бум предизвика Ford, кој го претставија својот Escort Concept, специјално создаден за Кина. Volvo го претстави EX8 SUV, а Audi го покажа R8 V8 со цена од 114.000 долари. Најскапиот автомобил беше Ferrari 458 Spider – 300.000 долари.

Лос Анџелес – 900.000 посетители
Годинава манифестацијата на Западниот брег на САД се совпадна со салонот во Токио. Ова сепак не ги спречи посетителите да дојдат и да видат над 50-тина премиерни изданија. За првпат беше прикажана BMW 4 Convertible, а меѓу најлуксузните експонати беа  Porsche Macan, Jaguar F-TYPE, Mercedes S65 AMG со цена од 200.000 долари. Најскапиот автомобил беше Youabian Puma со цена од 1,1 милиони долари.

Токио – 902.800 посетители
Како и во ЛА се одржа помеѓу 22 ноември и 1 декември. Тоа беше 43-тото издание, во кое учествуваа 452 компании. Беа прикажани 802 автомобили. Audi го покажа Quattro Concept, најголемата атракција сепак беше „златниот“ Lamborghini Aventador LP 700-4, но секако посебна вредност имаше настапот на домашните компании Toyota, Honda, Nissan, Mitsubishi, Subaru, Mazda, Suzuki, Daihatsu…, од оние кои се познати, но и уште многу други кои токму овде во јапонската метропола секогаш скаат да се претстават во најблескаво издание.

Њујорк – едед милион посетители
Оваа година се одржа помеѓу 6 и 15 април. Изложените автомобили не беа за секој џеб. Вкупно беа прикажани 1.000 возила. Меѓу нив беа новата Azera, SRT Viper, Range Rover Sport, Acura MDX. Меѓу најголемите атракции беа Cadillac CTS Berlina 2014, Lamborghini Gallardo, Ferrari 450 Italia со цена од 450 000 долари и Rolls- Royce Drophead Phantom Coupe -469.000 долари. Најскапиот автомобил беше Bugatti Veyron – 1,6 милиони долари.

Франкфурт – 1,1 милион посетители
Биеналето во „градот на банките“ (не се знае дали е попознат по ова или по автомобилскиот саем) се одржа од 12 и 22 септември и тоа беше неговото 65-то издание. Lamborghini се претстави со Gallardo Squadra Corse, Maserati го покажа Quattroporte Ermenegildo Zegna, Porsche блесна со 911 Porsche Carrera S 50 Years Edition, а Rolls Royce го претстави еден од најскапите автомобили на саемот – Phantom Celestial. Најскапиот автомобил на саемот беше Bugatti Veyron 16.4 Grand Sport Vitesse Legend – 3 милиони долари.

- Реклама -