Двократниот шампион на Вимболдон, Рафаел Надал беше шокиран на теренот кога изгуби од Дастин Браун во пулсирачки натпревар.
Веројатно не многумина слушнале за Дастин Браун, тенисерот кој синоќа го совлада големиот Рафаел Надал и го елиминира од Вимблдон. Скромниот човек кој е роден во Германија и израснат во Јамајка, а препознатлив знак му се суканиците кои ги нема скратено 19 години.
На Вимблдон често има по некоја сензација, а вчера во центарот на вниманието беше „растаманот“ со суканици – Дастин Браун, кој со 3-1 во сетови (7-5, 3-6, 6-4, 6-4) славеше над шпанскиот ас Рафаел Надал кој игра во катастрофална форма.
Браун е роден пред 30 години, а ова е негова 13-та сезона во која тој настапува како тениски професионалец. До пред неколку години тој беше дел само од помалите турнири, а во 2010 година влезе меѓу 100-те најдобри и се искачи на 78 место на АТП-листата.
Браун е роден во Германија, но во 1996 година се преселил во Јамајка заедно со неговите родители. Неговиот татко е од Јамајка, додека мајка му е Германка. Тој има неверојатна почит кон неговиот татко, а доказ за тоа е тетоважата од неговиот лик која ја има на телото. Препознатлив е по суканиците – тие се негов заштитен знак.
„Премногу го сакам татко ми. Имам дури и негов портрет во мојата соба. Ми недостасува, затоа што го гледам само кога ќе заврши сезоната. Тетоважата од ликот на мојот татко беше моја голема желба, а успеав да ја остварам благодарение на еден уметник од Келн“, вели Браун.
Браун го победи Надал втор пат во кариерата. Претходно, над Шпанецот тој славеше во 2014 година на турнирот во Хале, Германија со 6-4 и 6-1. Човекот кој го понижи Надал на Вимблдон зборува три јазици и има необичен стил на игра кој го прави различен од сите останати тенисери. Во кариерата тој нема многу успеси, затоа што вкупно има освоено два трофеја и тоа двата се во двојки (2010 и 2012 година). Интересно е што во сингл-конкуренција, на АТП-турните тој досега нема играно ниту еднаш во финале, а дури два пати успеа да слави на турнири над шпанскиот тенисер со богата историја.
„Ова е најдобриот ден во мојот живот!“, накратко изјави Браун по триумфот над Надал.
В сабота, 30-годишниот Браун кој пред да започне Вимблдон имаше само три победи на гренд-слемите игра против Виктор Троицки кој е на 24 место на АТП-листата. Тој вели дека ќе даде сѐ од себе – па што биде, нека биде.
По поразот, Надал изјави:
„Одам ден по ден, турнир по турнир. За одредено време сите ќе знаеме до каде сум, каде можам да бидам и каде не можам да бидам. Ако продолжам во ова темпо уште две години, тогаш ќе видиме што ќе се случи“, ја започна прес-конференцијата Надал кој на некој начин и ги шокираше присутните новинари во Ол Ингланд клубот.
„Кога ќе дојде денот кога тенисот повеќе нема да ме мотивира, ќе барам нови предизвици во мојот живот. Денеска и во блиска иднина, не гледам дека тоа ќе се промени. Мотивиран сум, сакам да ја вратам формата во која играв во 2008 и 2010 година, но навистина тешко ми оди. Напорно ќе се борам да дојдам до нивото на кое што посакувам да играм, иако знам дека тоа нема да биде воопшто лесно. Во овој момент не ми паѓа на памет да се пензионирам“, заклучи шпанскиот тенисер кој на двапати досега успеа да го освои престижниот турнир во Лондон.