Над 80 отсто од бегалците од Украина во Германија се жени

Берлин, 4 април 2022 (МИА) – Околу четири петтини од бегалците од војната во Украина се жени, покажуваат резултатите од истражувањето нарачано од Министерството за внатрешни работи на Германија.

Од воведувањето на воената состојба по руската инвазија на Украина, на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години им беше забрането да ја напуштат земјата.

Според истражувањето, 84 отсто од луѓето од Украина кои побарале засолниште во Германија се жени или девојчиња. Педесет и осум отсто од испитаниците рекле дека побегнале заедно со своите деца. Најголем дел од 17 отсто бегалци кои се регистрирани како без придружба – се постари лица.

Речиси четвртина од испитаниците изјавиле дека престојуваат кај пријатели, додека една петтина рекле дека престојуваат кај роднините. Уште 22 отсто од испитаниците рекле дека живеат во други приватни домови. Останатите бегалци живеат во големи групни сместувања или хотели, меѓу другите места.

Прочитајте и:  Во Балтичко Море оштетен и подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува Шведска со Литванија

Според податоците, собрани меѓу 24. и 29 март, нешто помалку од една третина од бегалците очекуваат дека наскоро ќе можат да се вратат во Украина.

Германската полиција официјално регистрирала 306.836 бегалци од Украина од инвазијата на 24 февруари.

- Реклама -