На секои 7 секунди се мажи по едно девојче под 15 години

Едно од 6 деца не посетуваат училиште. Воените конфликти принудуваат едно на секои 80 деца во светот да го напуштат својот дом. 168 милиони деца во светот се експлоатирани како работна рака, а 85 милиони работат ризична работа. На секои седум секунди се мажи по едно девојче на возраст под 15 години. На секои две малолетни девојчиња, едно од нив раѓа.

Ова се дел од податоците во новиот извештај на Save the Children (Спасете ги децата), по повод Меѓународниот ден на детето (1 јуни).

Според извештајот, едно на секои четири деца во светот е лишено од детство како резултат на меѓународната ситуација. Извештајот покажува дека најмалку 700 милиони деца, а веројатно стотици милиони повеќе – биле „ограбени“ од детството на еден или друг начин.

Меѓународните конфликти и насилството во светот приморуваат многу семејства да ги напуштаат своите домови, водат до рани бракови, бременост, детска експлоатација за работа, лошо здравје и спреченост на децата да одат во училиште.

Децата во Западна и Централна Африка се најзагрозени. Најтешка за нив е ситуацијата во Нигер, Ангола, Мали, Централна африканска република и Сомалија. Најбезбедно е детството на децата во Норвешка, Словенија, Финска, Холандија и Шведска – сите во Европа.

За првпат организацијата ги разгледуваше и детските убиства, а констатираше дека повеќе од 200 деца во светот се убивани секој ден. Најмногу такви случаи има во латиноамериканските држави како Хондурас, Венецуела и Салвадор.

Во извештајот се наведува дека секој ден над 16.000 деца умираат пред да стигнат до 5-годишна возраст, поради причини кои можат да бидат спречени. Околу една четвртина од децата под 5-годишна возраст во светот имаат проблеми со физичкиот или менталниот развој како резултат на недоволна исхранетост.

- Реклама -