На повидок затворање на американските владини агенции – републиканците го одбија законот за привремено финансирање

Тврдокорните републиканци во Претставничкиот дом на САД ноќеска го отфрлија предлог-законот на нивниот лидер за привремено финансирање на владата со што е речиси сигурно дека федералните агенции делумно ќе се затворат, почнувајќи веќе од утре.

Со 232 гласа „против“ и 198 „за“ Претставничкиот дом ја отфрли мерката со која би се продолжило финансирањето на владата за 30 дена и би се спречило затворањето. Тој законот требаше да ги намали трошоците и да ја ограничи имиграцијата, републикански приоритети што имаа мали шанси да поминат во Сенатот, што е под контрола на демократите.

Поразот ги остави републиканците – кои го контролираат Претставничкиот Дом (221-212 мандати) – без јасна стратегија за избегнување на затворањето, што ќе ги затвори националните паркови, ќе ги прекине платите за околу четири милиони вработени во федералните служби и ќе попречи сè – од финансиски надзор до научни истражувања, доколку не се обезбеди продолжено финансирање на владата.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

По гласањето, претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти кажа дека Претставничкиот дом сè уште може да го изгласа продолжувањето на финансирањето без конзервативната политика што ги одалечи демократите. Но, тој одби да каже што ќе се случува понатаму. Домот се очекува и денеска да одржи дополнителни гласања.

„Неуспех е само ако се откажете“, им изјави Мекарти на новинарите.

МИА

- Реклама -