Како што објави професорката и кандидат за претседател – Гордана Силјановска-Давкова на Фејсбук, вчерашниот ден по повод Меѓународниот ден на трудот го поминала со своето семејство во винаријата „Сопот“. Со тоа, воедно, Силјановска за првпат јавно го покажа своето семејство во рамките на претседателската кампања.
„Први мај е голем празник за нашето семејство. Секогаш сме го славеле заедно. Работата го прави човекот! Трудот треба да се цени и наградува и дома и на работа!
Денес прославивме во прекрасниот амбиент на винарија Сопот со сопругот Баже, ќерка ми Марија и мојот тим. За многу години!“, напиша Силјановска.
На тоа реагираше секогаш гласната професорка и граѓански активист – Мирјана Најчевска. Таа ѝ порача на Силјановска дека 1. мај не е семејна слава и се одбележува со протести на улица, а не со чаша вино во винарија.
На својот „претседателски“ Фејсбук профил, пак, Силјановска оцени дека работниците во Македонија живеат во „полуколонијален амбиент“. Таа порача дека правото и правдата се насушна потреба на сите и дека се основен услов за почитување на правата на работникот. Таа ветува дека ќе се бори за доследна примена на законите, но и нивна промена во согласност со највисоките стандарди за заштита на работничките права.