На Мицкоски му се заканувале дека ќе биде обезглавен затоа што ја обелоденил аферата со пасошите

„Зарем некој верува во Македонија дека службеникот којшто таму слика или зема отпечатоци од прсти е тој којшто се запознал со Јован Вукотиќ, или со Седат Пекер, или со оној којшто пере пари за Ндрангета, или оној Шпанецон којшто е осуден за трговија со кокаин, и дека тие службеници се тие коишто се одговорни за ова што се случува. Зарем мислите дека овие луѓе се тие кои се носители на оваа афера?“, одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, прашан дали опозицијата ќе објави, можеби, некакви докази за своите тврдења дека премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски стојат зад аферата со пасошите.

„Седат Пекер беше во Македонија повеќе од 3 месеци. Не е возможно да не знаат официјалните лица во Владата кога тој шета, руча, се забавува со коалиционите партнери на Зоран Заев, пратеници итн. Јован Вукотиќ три пати полетувал од скопскиот аеродром во Петровец. Влезен, регистриран. Самиот тој вели ‘јас на легален начин си го добив пасошот, отидов, дадов отпечаток од прст, ме сликаа и заврши таа работа’. Тој не вели дека процедурата била нелегална, туку едноставно името коешто е таму не е неговото. Во исказот што го дава пред заменик јавниот обвинител во белградскиот суд, тој вели ‘да, името не е тоа, но сѐ друго е мое’ “, изјави Мицкоски.

Тој посочи и дека досега никој не даде информација дали овие нелегални пасоши се поништени, притоа откривајќи дека добивал закани поради тоа што ја објавил аферата.

„Прашајте ги во владата дали ги поништија овие патни исправи. Дали некој знае дали владата ги поништи, еве, дали уште се важечки? Дали можеби во изминатите денови, користејќи ги овие патни исправи, уште некој е обезглавен во светот? Бидејќи јас имав такви закани во текот на минатата недела, дека ќе бидам обезглавен. Дали некој е обезглавен, дали е отворена некоја нова банкарска сметка каде што треба да поминат неколку милиони евра стекнати на незаконски начин поради трговија со опојни дроги итн.? Еве, прашајте ги дали некој ја поништил важноста на овие пасоши. Имате ли таква информација? Јас немам. Еве, прашајте ги од Владата, прашајте ги МВР или кој е таму надлежен, дали овие пасоши се уште функционални и дали во овој период – од откривање на аферата до денес, поминати се две недели – овие луѓе можат слободно да се движат со овие пасоши низ светот. Јас мислам дека никој не ни даде информација дека пасошите се поништени. Можеби убиство е направено по налог на овие луѓе“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Прашан од кого добивал закани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „кога би знаел, би било многу полесно да се справи со тие кукавици што му се закануваат, бидејќи се анонимни“. Прашан дали ги пријавил заканите, Мицкоски рече:

„Каде да пријавам, кај тие што ме оставија без обезбедување под изговор дека не е мојот живот под опасност? Јас ви реков, кажав на едно интервју; и да ми доделат, јас нема да го прифатам тоа обезбедување. Сам се шетам, сам ќе продолжам да се шетам, така што кај овие луѓе немам намера ништо да барам, ниту пак да пријавам“.

На новинарско прашање, Мицкоски додаде и дека не се плаши од тоа Обвинителството да отвори предмет за неговиот „обид за саботажа“ на акцијата на МВР, како што тврди и повикува власта.

„Слободно нека тераат, сѐ што мислат дека треба да прават – нека прават, а јас ќе продолжам да се борам против криминалците од владата коишто ги предводат Зоран Заев и Оливер Спасовски. Слободно они нека тераат и што мислат нека прават, а јас ќе продолжам да ги откривам нивните афери и нивниот криминал“, рече тој.

- Реклама -