На мегдан против силната Белгија

Вечерва на Филип Втори Арената, Македонија ја пречекува силната селекција на Белгија во важен квалификациски натпревар за Светското првенство во Бразил.

Пред нас е голем спектакл на Арената Филип Втори, Македонија во одлична форма ја пречекува атрактивната селекција на Белгија во натпревар од квалификациите за СП во Бразил 2014.

Со низа од три победи против силни селекции влегуваме во натпреварот против најсилниот противник во нашата група, па оптимизмот за добар резултат е реално поткрепен.

Македонија под водство на Чеде Јаневски добива сосема поинаков лик, последните натпревари покажуваат дека стануваме сериозна репрезентација која може во континуитет да бележи добри резултати, а не само инцидентно како што беше тоа случај во минатото.

Во слекцијата владее одлична атмосфера, фудбалерите со голема самодоверба ќе истрчаат на Арената, понесени од публиката храбро ќе тргнат кон победа.

Селекцијата на Белгија има фантастична генерација, Вермален, Вертонген, Комапни, Ван Бујтен, Фелаини, Витсел, Азар, Лукаку… се дел од имињата за кои не треба многу да се зборува, фудбалери кои имаат клучни улоги во најголемите европски клубови.

Но и покрај силниот состав, Белгија во последните години не успева да дојде на големо натпреварување, овие квалификации се сфатени како сериозна шанса да се отиде на Мундијалот, па Марк Вилмотс нема да им дозволи на своите фудбалери да ја потценат Македонија.

Белгија е силна, но и ние имаме свои адути, Ибраими игра во одлична форма, Пандев им се врати на погодоците во Наполи, Јаховиќ ги тресе мрежите на противниците на Цирих.

Јаневски најави офанзивна и максимално дисциплинирана и борбена игра, доколку тоа го видиме на теренот нема да има никаква причина за разочарување без разлика каков ќе биде резултатот.

Македонија покажала дека може да игра против најголемите репрезентации, нашата желба е јасна, мотивите се силни, вечерва атакуваме на нова, голема победа.

Натпреварот започнува во 20:45 часот, Арената Филип Втори ќе биде полна, ФФМ најави и посебна кореографија за овој дуел, оние кои нема да присуствуваат на нашиот најголем стадион, ќе можа да проследат директен пренос на МТВ.

Текстот е објаврн во соработка со 24Фудбал.

- Реклама -