На денот на Санстефанска Бугарија, со бугарски филм за комити, почна да се емитува БНТ во Македонија – „Има ли поголема симболика?“

Денеска, на 3 март, на MaxTV на македонски „Телеком“, почна со емитување Бугарската национална телевизија (БНТ4). За успехот, на Инстаграм се пофали специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија – Владо Бучковски.

„Благодарност за поддршката на АВМУ, пред сè на Трајчевски, како и до Љушев и Станчев од Телеком“, напиша Бучковски под споделената фотографија на која се гледа дека БНТ4 е во етер.

„Мојата главна преокупација во последните неколку недели е соработката во медиумската сфера, универзитетите, културата“, изјави Бучковски вчера во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

„Да се пофалам, имаме сериозно голем напредок, пред сѐ заради големата посветеност на директорот на БНТ – Емил Кошлуков и неговиот тим, на директорот на БТА – Кирил Влчев во Софија, но и овде во Скопје исклучителен беше ангажманот на Македонскиот телеком (директорите Љушев и Станчев) за да стартува во рекордно брзо време БНТ на МаксТВ, на директорот на МРТВ – Цветковски, во усогласувањето на текстот на договорот за соработка со БНТ, и на директорот на МИА – Антоновски, за соработката со БТА. Ректорот на Софискиот универзитет – Герџиков, со пет декани набрзо доаѓа во Скопје. Со ректорот на УКИМ – Јанкуловски, и со декани од повеќе наши факултети, ќе договараат конкретни проекти. За координација на овие активности постојано сум на релација Скопје-Софија-Скопје. Привршуваат активностите за влезот на Универзитетот од Велико Трново во заеднички студиски програми на Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Тоа се дел од мерките за градење на доверба“, објасни Бучковски.

На социјалните мрежи, пак, реакции и за тајмингот, и за содржината на бугарската телевизија која започна со емитување во земјава.

Имено, денеска, 3 март, Бугарија го слави националниот празник „Денот на oслободувањето на Бугарија!“, затоа што на денешен ден во 1878 година е потпишан Санстефанскиот мировен договор меѓу Руското и Отоманското Царство, со што е ставен крај на Руско-турската војна. Со договорот од Сан Стефано (т.е. Јешилќој, село западно од Истанбул), се воспоставува и Санстефанска (aka. Голема) Бугарија, во која потпаднала речиси целата територија на Македонија. По тој повод, како што посочуваат корисниците на Твитер, денеска Македонците на БНТ4 имале можност да гледаат комитски филм, секако, од бугарска призма.

„Емитувањето на Бугарската национална телевизија во Македонија започна на денот на Сан-стефанска Бугарија во која Македонија била окупирана од Бугарија. Има ли поголема симболика ова во период кога Бугарија бара да се откажеме од историјата и јазикот?“, пишуваат на Твитер.

Бучковски, пак, вчера посочи и други предности на емитувањето на БНТ во Македонија:

„Мислам дека тоа е добро и во пресрет на почетокот на нивната изборна кампања. Би било добро и за пошироката македонска јавност да се запознае со политиките на главните политички фигури на Република Бугарија, затоа што во Бугарија не се политичарите само овие три-четири имиња кои ги споменуваме. Мислам дека ќе биде добро тоа за поблиското запознавање на пријателска Бугарија, затоа што мислам дека и во нашата јавност доминираат многу предрасуди – дека Македонија е предоминантна тема во нивниот политички живот. Мислам дека ќе се увериме дека тоа не е така и за време на оваа кампања“, рече специјалниот претставник на Владата на РСМ.

А покрај негативните, денеска на Твитер беа упатени и позитивни тонови кон нашиот исток. Добриот комшија Бујар Османи,не пропушти да ѝ го честита празникот на колешката Захариева:

„Срдечни честитки до мојата колешка Захариева по повод Националниот празник на Бугарија. Нашите односи ги сметаме за многу важни и посветени сме на продолжување на заедничката работа на понатамошно зајакнување на добрососедските односи“, порача шефот на македонската дипломатија.

За разлика од Османи, изостанаа личните честитки од премиерот Заев и претседателот Пендаровски.

 

- Реклама -