Додека македонските граѓани сонуваат за датумот… за вакцини… на 70-годишниот Страшо од Делчево на сон му се јавил лекот против корона.
Не можете да го направите, да го нарачате или да го купите. Наместо тоа, ќе треба да се упатите на патот меѓу Делчево и Штип, каде ќе ве пречека патоказ поставен лично од дедо Страшо, со желба да им ви го олесни патот до спасот.
А спасот, открива тој, е да се протнете под корен од орев. За таа цел, тој ископал „тунел“ под корените на два ореви на неговиот имот на местото викано Брежје кај реката Брегалница. Како што објаснува, оревот е божјо дрво и има исцелителна моќ и ако ништо друго, против пусти болести е ефективен барем 50%. И самиот дедо Страшо во животот имал несреќи; вели, трипати се давел во вода, двапати паднал од коњ, но верува дека сѐ уште е жив затоа што се протнувал под орев. Тој објаснува дека уште од стари времиња народот се протнувал под корени од орев, за здравје. Сака да го пренесе аманетот и на другите.
Според она што го раскажува делчевецот, имунизацијата е во тек, а досега против корона се „оревизирале“ и неколку доктори. Меѓу првите била матична лекарка, открива тој.
И покрај тоа што е имунизиран, Страшо со душа ги чека и вакцините против ковид. Штом пристигнат, вели, веднаш ќе се вакцинира. Не затоа што оревот штити 50%, туку затоа што верувал и во медицина. Кога малку ќе подразмислиме, излегува дека и докторката, исто како него, верува и во медицина.