Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека е ставен во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201 и меил адресата mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано прославување во текот на претстојните празници.
Тие ги повикуваат граѓаните да пријават кршење на здравствените протоколи за заштита од коронавирус и недозволено групирање на журки, славења дома, во викендичка или изнајмен простор.
Акцијата/проектот денеска ги најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Тој потенцираше дека пријавувањето ќе биде анонимно и бесплатно и го повика „секој еден граѓанин“ да помогне во спречување на ширењето на вирусот.
Спасовски потсети дека пандемијата и кризата веќе предолго прават притисок врз сите инволвирани, но пред сѐ здравствените работници, и дека се ицрпени човечките капацитети. Токму затоа, порача, мерките мора да се почитуваат, како заради здравствениот систем, така и заради здравјето и животот на граѓаните.