Додека министерот на белгискиот регион Фландрија – Бену Вејтс, беше на прес-конференција за да го промовира велосипедизмот како еколошки начин на превоз, му го украдоа точакот.
Вејтс претстави инвестиционен план според кој е предвидено во велосипедски патеки во реонот да бидат вложени 300 милиони евра, најдоцна до 2019-та година.
Како и да е, очигледно на некој од Белгијците поинтересен му се виде точакот, отколку добрата вест.
„Велосипедот беше заклучен кога го оставивме, меѓутоа, кога се вративме по половина час, не беше таму“, изјави портпаролот. Министерот потоа бил приморан да го повика својот возач.
Министерот и неговиот кабинет се надеваат дека снимките од камерите ќе помогнат да се фати крадецот, и евентуално да биде најден и точакот.
Иако велосипедизмот како спорт е исклучително популарен во Белгија, примарното средство за превоз остануваат автомобилите. Белгиските патишта, од тие причини, се едни од најзакрчените во Европа.