Директен пренос од чудото во Келн на државната телевизија не гледавме, но барем ќе гледаме пренос во живо од пречекот на вардаровите јунаци, почнувајќи од моментот на нивното пристигнување на Меѓународниот аеродром – Скопје, објави SPORTM.mk. Од Македонската радио телевизија ја потврдиле информацијата.
Од Келн ракометарите на Вардар доаѓаат со директен чартер лет, за кој Град Скопје издвои околу 39.500 евра. Со тоа ќе стигнат многу порано отколку првичниот план – пред полноќ.
На скопскиот аеродром се очекува шампионите да слетаат околу 18:50 часот. За оние кои сакаа да ги пречекаат таму, а немаа сопствен превоз, ЈСП Скопје ангажираше два бесплатни двокатни автобуси кои поаѓаат во 17 часот од кај „Југодрво“.
Од аеродромот, ракометарите со три двокатни автобуси на ЈСП ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“. Сите три се брендирани со логото на РК Вардар, а од нив еден е панорамски (со отворен кров). Доколку дозволат временските услови, ракометарите ќе се возат во панорамскиот, како и при шампионскиот пречек во 2017-та.
Се очекува на плоштадот да пристигнат околу 19:30 до 20:00 часот.