Македонската Радио телевизија (МРТ) и Бугарската Национална телевизија (БНТ) потпишаа меморандум за разбирање. На реципрочен начин ќе разменуваат вести, детски, музички, забавни, културни и образовни програми. Како што велат директорите на јавните сервиси на двете земји, целта е да се развијат пријателски односи и заемно корисна билатерална соработка.
„Ќе продолжиме да правиме размена на програми од областа на туризмот, културата, образованието, музиката, на дневни информации и на вести. Ние наскоро сакаме да отвориме и дописништво во Софија, се надевам дека и БНТ ќе отвори дописништво во Скопје, во Македонија, така што на еден заеднички начин да успееме да ги доближиме телевизиите што е можно поблиску“, изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски.
„Ова е договор со Македонската јавна телевизија, со кој се надеваме дека ќе започнеме да работиме поактивно, да размениме содржини меѓу нашите две телевизии. И додека политичарите се занимаваат со политика, историчарите со историјата, ние правиме телевизија. Можеме да прикажеме убави извештаи за Македонија, за Охрид, има толку убави места, и тие можат да гледаат репортажи за бугарски места. Може да има македонска музика и фолклор, можеме да им ги дадеме нашите за да можат двата народа да се запознаат и слушнат. Мислам дека ова е патот“, изјави директорот на Бугарската Национална телевизија – Емил Кошлуков
Со потпишувањето на меморандумот со БНТ, Македонската телевизија ја продолжува соработката со јавните сервиси од регионот, додаваат од МРТ.