Можно е „кртот“ да е самиот Камчев?

Денеска во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и во Кривичниот суд ќе се трага и ќе се лови „кртот“ со чија помош порталот „Инфомакс“ објави фотографија од записникот од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев кога го пријавувал случајот „Рекет“. Објавата предизвика бура во јавноста, пред сè поради тоа што новинарот на „Инфомакс“, раскажувајќи ги настаните, извлекува растегнати заклучоци и зборува за вмешаност и на премиерот Зоран Заев, потоа министерката за одбрана – Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи – Никола Димитров, како и потпретседателката на Собранието – Фросина Ременски, иако нивните имиња воопшто не се спомнуваат во првата страна од записникот, која единствено беше објавена во статијата. Обвинителката Вилма Русковска ја потврди веродостојноста на фотографијата од документот, но одби да ги коментира понатамошните изнесени информации и заклучоци од страна на новинарот.

Иако сметаат дека ова нема да ја искомпромитира истрагата, за Обвинителството самото објавување на дел од документот освен што е кривично дело, воедно и алармира дека може да дојде до објавување и на други докази во истрагата. Оттаму, една од главните активности денес во Обвинителството и Кривичниот суд ќе биде пронаоѓање на виновникот за протекување на документот, како единствени две институции кои, според Обвинителството, имаат пристап до записникот. Сепак, пред да го бара „кртот“, претседателот на Кривичниот суд – Иван Џолев, најави дека прво ќе направи интерна проверка, за да утврди дали судот воопшто ја добил копијата од овој записник.

Меѓутоа, ако документот не протекол од Обвинителството или од Судот (ако ја има копијата), можен е и трет извор, вели за „Независен весник“ поранешниот јавен обвинител – Александар Наков. Според него, копија од исказот треба да има и сведокот, односно Орце Камчев, кој според пишувањата на бугарските медиуми, деновиве ужива на јахта во Варна.

Наков не е задоволен ниту со статусот што Камчев го има во истрагата. Како што вели, за поткуп е виновен и тој што зема и тој што дава, како и неговите правни застапници. Наков има и други замерки за истрагата, а целосната ситуација, вклучително и протекувањето на документот, според него, е доказ дека институциите се „стравотно порозни“ и функционираат како „швајцарско сирење“. Прочитајте на „НЕЗАВИСЕН“ (ЛИНК).

- Реклама -