Морачанин за изјавата дека струјата не треба да е евтина: „Да ги субвенционираме граѓаните самите да си произведуваат струја, така ќе се намалат сметките“

Претседателката на ДОМ – пратеничката Маја Морачанин, предизвикана од реакциите на нејзината изјава од собраниската говорница дека струјата не треба да е евтина, туку да ја штедиме, обвини дека била извадена од контекст, а во дел од медиумите – и етикетирана. На својот Фејсбук профил, таа во неколку точки ги објасни, како што рече, „фактите“.

„1. Јас гласав ЗА Законот, што значи ЗА намалување на цената на струјата!

2. Меѓусебните обвинувања и фалби меѓу позицијата и опозицијата во чие време струјата била поскапа или поевтина не се од полза за граѓаните, туку само предизборна реторика.

3.Треба да вложуваме во производство на струја од обновливи извори на енергија, пред сѐ од сонце и ветер, а не во производство на струја од јаглен, бидејќи употребата на фосилни горива е главна причина за климатските промени и загадување на воздухот.

4. Треба да ги субвенционираме граѓаните да постават фотоволтаици на своите кровови или да се здружат во енергетски кооперативи, самите да си произведуваат струја, БЕСПЛАТНО. Исто важи и за бизнис секторот, сметката за струја на индустриските капацитети би била многу пониска ако постават фотоволтаици на објектите.

5. Треба да инвестираме во енергетска ефикасност на објектите за да имаме помала потрошувачка на струја и пониски сметки за струја“, напиша Морачанин.

„Одржливо и ефикасно решение е производство на струја од сонце и ветер и намалена потрошувачка на струја преку енергетска ефикасност. Така сметките за струја ќе бидат многу пониски и ќе се заштедат средства и во домашниот буџет и во буџетите на јавните и приватните претпријатија. И ќе се заштити животната средина и климата“, сумира претседателката на ДОМ, која притоа повика и итно да се формира Фондот за енергетска ефикасност, за кој веќе се обезбедени финансиски средства.

- Реклама -