Морачанин смета дека струјата не треба да биде евтина бидејќи треба да ја штедиме, за „Ленка“ тоа е еко-тероризам

Денеска пратениците го изгласаа Законот со кој ДДВ-то за сметките за струја се намалува од 18 на 5 отсто, како одговор на зголемувањето на цената на струјата, односно да се овозможи пониска цена за граѓаните и намалување на нивните трошоци. Оттука, сметките за струја за јули ќе бидат со пониската стапка на ДДВ.

Намалената стапка ќе се применува до 30 јуни 2022 година, а потоа – од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година, ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електричната енергија кон домаќинствата.

Денеска од собраниската говорница, меѓутоа, можеа да се слушнат и некои „интересни“ мислења. Така, на пример, претседателката на ДОМ – Маја Морачанин, изрази став дека струјата, наместо поевтина, треба да е поскапа, за да се штеди.

„Мојот став е сосема поразличен. Јас сметам дека електричната енергија не треба да биде евтина. Затоа што ако струјата е евтина, тоа доведува до поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија, не само во Македонија, туку во целиот свет, тоа е тенденцијата“, изјави таа.

Сепак, Морачанин посочи дека ќе го поддржи законот бидејќи се согласува дека во моментов се потребни вакви стимулативни мерки и поддршка за граѓаните за ублажување на ценовниот удар, поради пандемијата и социоекономските последици од неа, како во светот, така и кај нас.

„Но дефинитивно подобро решение, според мене, е намалување на електрична енергија да има само кај социјално ранливите категории“, додаде пратеничката.

Оваа нејзина изјава, сепак, предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Посебно остри беа од Движењето за социјална правда – „Ленка”, кои ставот на претседателката на ДОМ го оценија како „еко-фашизам“.

„Во држава каде 400 илјади живеат на раб на сиромаштија, каде 3.000 семејства живеат БЕЗ СТРУЈА, каде профитите на Анѓушеви и слични олигарси се спечалени врз труење на народот, каде сметките за струја изнесуваат пола од примањата на едно семејство, каде рускиот евтин гас беше избркан заради ваквите НАТО-проститутки – пак цехот ќе го плаќа сиромашниот народ!

Правото до електрична енергија не е луксуз – туку нужност!“, порачаа тие.

- Реклама -