По прв пат во последните 41 години, во 2015-та, ниту еден човек не успеа да стапне на Монт Еверест, највисокиот врв во светот (8848 метри). Не само што врвот остана недопрен, туку ова е и најлошата година за искачувањето; по издадени рекордни 358 дозволи за искачување на индивидуални планинари на почетокот на годината, страшен земјотрес од 7.8 степени го погоди Непал во април и однесе повеќе од 8700 животи. Рекордни 22 од нив (или 24, бројките варираат) згаснаа на планината, и тоа речиси точно една година по прекланскиот рекорд, кога лавина однесе 16 животи во април, 2014-та. Меѓу 22-цата загинати беше и еден извршен директор на Гугл.
Еверест отсекогаш инспирирал понизност кај човештвото, особено кај оние што пробале да го искачат. Но, како што се одвиваат работите, влогот секоја година е сé поголем, делумно затоа што сé повеќе планинари се обидуваат да се качат на врвот, делумно и затоа што сé повеќе Шерпи (етничка група што живее на највисоките планински предели на Непал) ја базираат својата егзистенција на планинскиот и „трекинг“ туризмот.
На почетокот, по катастрофата во април 2015-та, владата на Непал се двоумеше дали да ја „затвори“ планината, а потоа се случи уште еден земјотрес во мај, кој заедно со скршените скали, ги присили властите да престанат да издаваат дозволи сé до крајот на летото, кога некаде околу септември, познатиот јапонски искачувач Нобуказу Курики (кој ги има изгубено сите прсти во еден од претходните обиди) се реши одново да си ја проба среќата. Курики се откажа од подвигот на само 701 метар од врвот.
„Дадов сé од себе, но проценив дека нема да можам да се вратам жив, ако продолжев понатаму, со оглед на силните ветрови и длабокиот снег“, напиша Курики на неговиот Твитер профил откако се спушти на безбедно.
Монт Еверест остана дрзок, непобеден и не допушти било кој друг искачувач да му се приближи.