Барањето не е во согласност со Деловникот, а референдумското прашање е несоодветно поставено – со овие аргументи собранискиот спикер Талат Џафери вчера ја врати иницијавата на Левица за референдум, изјавувајќи денеска дека со таквата одлука не навлегува во суштината, туку само го потсетува подносителот (Димитар Апасиев) на она на кое предупредуваат, според Џафери, институциите – дека така поставеното референдумско прашање можело да создаде проблем во понатамошната постапка.
Претседателот на Левица, обвинувајќи го Џафери дека само купува време, уште вчера соопшти дека Левица ќе ја „корегира“ иницијативата и повторно ќе ја поднесе, а потоа, ако Џафери ја одбие и неа, тие ќе започнат целосна блокада на Собранието.
Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица, денеска во изјава за „Слободен печат“ го повтори предупредувањето за блокада. Таа потенцираше дека нема да им биде првпат, потсетувајќи дека тоа веќе беше случај со Законот за државјанство, кога Левица поднесе 1.000 амандмани.
„Тогаш блокиравме околу 15 закони што уште не се донесени. И сега ако треба ќе блокираме преку филибастеринг, односно долги говори на комисиите, со илјадници амандмани и, ако треба да се скандализира Собранието, подготвени сме и физички да ги спречуваме пратениците да говорат преку гаснење на микрофоните. Наша цел е воопшто да не можат да се донесат законите. Ако треба да банализираме, ќе го преплавиме Собранието со иницијативи, како на пример осудени функционери за тероризам да не можат да бидат носители на јавни функции“, рече Мојсоска за „Слободен печат“.