Многу галама за тоалетна хартија

Од скоро, во вецињата на пекингшкиот парк „Храм на рајот“ се инсталирани апарати за тоалетна хартија со скенер за лице. Корисникот мора прво да застане со лицето пред апаратот на 3 секунди, а дури потоа ќе добие тоалетна.

Оваа радикална хај-тек тоалетна мерка е воведена заради огромните количини украдена тоалетна од јавните тоалети, која обично завршува во рацете на постарите и посиромашни Кинези, за домашна употреба.

Новинар на BBC ја испроба машината. Пренесува дека апаратот, откако ќе ти го скенира лицето, ти дава 60 сантиметри тоалетна хартија. За следната тура мораш да чекаш 9 минути. Притоа, рамо до рамо со новите апарати, за вецињата се ангажирани и редари, чија главна задача е да помогнат со упатства за користење на новата технологија.

Кинеската јавност е лута, и бурно реагира на новите мерки. Велат дека ова е ускратување на основните права. Притоа, голем број луѓе од Пекинг деновиве на друштвените мрежи споделуваат хумористични стрипови и илустрации на кои луѓе „со мака“ и во „трка со времето“ чекаат редици за тоалетна хартија, алудирајќи на 9-минутниот „cooldown“ период на машината.

Во меѓувреме, Кина спроведува проект наречен „тоалет револуција“. За изградба на 100.000 нови јавни тоалети, кинеските власти издвоија вкупно 290 милијарди долари. Многу од нив (ќе) располагаат со телевизори, безжичен интернет и банкомати. За да имате што да правите во тие 9 минути меѓу две бришења, веројатно.

- Реклама -