ММФ ќе бара од Украина девалвација на гривната, намалување на каматите и зголемување на даноците

Претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во текот на неделата ќе го посетат Киев и ќе побараат од украинската Влада побрзо да ја девалвира својата валута гривна, да ги намали каматните стапки и да ги зајакне напорите за зголемување на даноците за да се надомести буџетскиот недостаток, објави „Блумберг“ повикувајќи се на анонимни извори.

ММФ ќе побара спроведување на мерките поради планираната ревизија на кредитната програма за Украина во износ од 15,6 милијарди долари.

Ревизијата би можела да доведе до исплата на 1,1 милијарда долари на Украина, доколку персоналот на ММФ утврди дека Киев ги исполнува целите на програмата и дека може да ги задоволи потребите за финансирање.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Буџетскиот дефицит на Украина за следната година изнесува 15 милијарди долари, а ММФ сака земјата да ја олесни својата монетарна политика и да ја девалвира гривната за да ги зголеми приходите во локална валута.

Народната банка на Украина не сака дополнително слабеење на гривната, бидејќи украинската валута веќе изгуби повеќе од 10 отсто од својата вредност од октомври минатата година кога беше укинат фиксниот девизен курс.

Според неименуваните извори континуираната девалвација на гривната ќе ја доведе во прашање способноста на Централната банка на Украина да ја одржува ценовната стабилност во земјата.

- Реклама -