Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам, вагабонтство и срам за Македонија, ова го нема ни во Северна Кореја

Случувањата во Судскиот совет се вандализам, девалвирање и процес што ја срами државата и што ѝ нанесува трајни штети и последици, оцени денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„За личноста која што беше на начин променета како што беше променета нема да коментирам, тоа како наш став го знаете, од каде потекнува, како потекнува… И тоа што неа ѝ се случи во ова опструирано правосудство во Македонија е само последица на тоа што таа сама претставува. Но ако го коментираме самиот процес, тогаш навистина тоа е еден процес на вандализам, на багабонтство и процес не само што ја срами Македонија, туку е процес којшто нанесува трајна штета и последици во смисла дека оставаме лош впечаток пред нашите меѓународни партнери“, рече Мицкоски на настан во општина Аеродром.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Тој „праша“ и дали она што се случува во Судскиот совет нема да нанесе трајна штета на односите со ЕУ.

„Гледате партиски кланови се борат за превласт, кој да биде претседател, па кој да биде после избран за судија. Таков срам, девалвирање, вандализам и багабонтство на отворена сцена, Македонија не познава. Ова дури и на држави со апсолутистички режим како Северна Кореја не им е пракса. Ваков еден срам што се случува, тоа е невидено“, оцени Мицкоски.

Според него, за да не се случуваат вакви работи, потребно е да се оди на избори. Тој ја повика меѓународната заедница да ги повикаат актуелните партии од власта да заминат, бидејќи, како што рече, на тој начин ќе го спасат народот и државата.

Извор: МИА

- Реклама -