Мицкоски за опожареното возило на Груби: Јавноста треба да знае дали постои или не постои скриен имот

Oпожареното возило кое се поврзува со Артан Груби веројатно е дел од некаква криминална пресметка, оценува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој побара случајот да биде детално истражен, но исто така институциите да ја проверат и поврзаноста на првиот вицепремиер со компанијата сопственик на возилото.

„Тоа го проследив во медуимите, можам да кажам дека секој ваков криминален чин треба детално да се истражи и сторителите, како и за сите други криминални чинови, треба да одговараат за стореното, без разлика чие возило е тоа. Без разлика дали се однесува на опожарено возило или друг тип на криминал, тоа е сепак дел од криминалот. Претпоставувам во случајот станува збор за некаква криминална пресметка“, рече Мицкоски на новинарско прашање при денешната негова средба со Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Јавноста има право да знае дали постои или не постои скриен имот, подвлече Мицкоски.

„Но она што исто така во јавноста беше познато е што излезе во суштина возилото не било во сопственост на господинот кој што го споменавме, туку било во сопственост на некое дурго правно лица кое што во минатото се поврзува со некои други бизнис активности. Така што јас ги повикувам органите детално да го истражат овој случај, се разбира сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, но исто така и поврзаноста на лицето кое што го споменавте со компанијата која што е сопственост на ова возило очекувам во најскоро време да биде истражено и расчистено пред јавноста, бидејќи не смееме да оставаме таков вид на мистерии позади нас, поготово бидејќи сме политичари кои што вршиме јавна дејност и јавноста има право да знае дали навистина постои скриен имот или не постои скриен имот“, додаде Мицкоски.

- Реклама -