„Морам да кажам дека како човек оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка која ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање на диктати не доаѓаат во предвид по ниту една цена. Ниту пак дека тоа може да помине низ мала врата или било каква комбинација. Морам да кажам дека сум длабоко разочаран од неговото однесување. Долго време јавно одбегнував да се произнесам за тоа, и за многу, многу други работи кои ми се случуваа мене и на моите најблиски соработници во битката ВМРО-ДПМНЕ да ја ставиме на здрави нозе и она што е денес силна структура на прагот на најголемата победа. Се до извесен период, иако немав и немам никакви контакти, мислев дека делиме иста цел. Патот до оваа цел ВМРО-ДПМНЕ силно и обединето беше трновит, со многу удари, и мене како човек ми е предизвик да се борам против оваа власт и да бидам рамо до рамо со мојот народ во битката да ги смениме, но морам да кажам дека воопшто не ми беше лесно, ниту сеедно да ги примам ударите внатре, од луѓето со кои сум мислел дека делиме иста кауза“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски.
„Не можам никако да разберам како воопшто е возможно да се уортачи било кој со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични прогони и предавства кои се случија на Македонија, да дели УСБ-а и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори“, додаде Мицкоски.
„За многу работи од внатрешните работи со поранешниот претседател нема да говорам и ќе оставам историјата да суди, за многу работи ќе се послужам со онаа народната ‘ти кон мене со клетви, јас со благослови’, но немојте никогаш и никој да ја тестира нашата одлучност да ги браниме нашите ставови, ниту пак намерата да не отстапиме во работите кои веруваме или пак било како да го разочарам народот“, порача актуелниот лидер на партијата.
„Чудно е тоа проклетство на историјата, човекот кој збореше за нож во грб, и разни ножиња, да стане токму тоа за сопствената партија. Мене не ми беше цел да влезам во конфликт и јавна преписка со него, но овој валкан план мораше да го знае јавноста. И ова е вистински последниот пат кога се осврнувам на оваа тема и нема повеќе да говорам за ова зошто имаме работа, а тоа е пад на оваа криминална Влада. Јас му посакувам добро здравје, добра среќа и да не го прави на другите тоа што нему не сака да му го прават. Имаме работа, нашиот противник е оваа криминална Влада на чело со СДСМ и ДУИ“, заклучи Мицкоски.