Мицкоски и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на Водно кај Пендаровски: „Мандатот е узурпиран!“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, придружуван од пратеници од партијата, пристигна пред резиденцијата на претседателот на државата Стево Пендаровски, каде бараат одговор зошто и врз основа на што тој му го доделил мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ – Зоран Заев.

Како што најави Мицкоски претходно на прес-конференција, тие се упатија пред канцеларијата на Пендаровски со очекување претседателот да ги прими на итна средба на која ќе објасни со што Заев го убедил дека има мнозинство.

На прес-конференцијата, Мицкоски обвини дека Пендаровски го прекршил Уставот доделувајќи го мандатот без никаков доказ за поседување на парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

„Без доказ, без потврда дека поседува мнозинство, Пендаровски го додели мандатот за состав на нова Влада.
Од тука, од овој момент не може никако поинаку да се опише оваа состојба освен дека мандатот е узурпиран. Би рекол и киднапиран, во рацете на човек како Зоран Заев“, рече Мицкоски.

Тој обвини дека со ова продолжила праксата на кршење на Уставот, со тоа што, како што рече, сега активен учесник станува и претседателот на државата.

Според Мицкоски, Уставот е јасен дека мандатот се доделува врз основа на доказ за поседување на мнозинство.

„Стево Пендаровски покажа дека не е претседател на сите граѓани, а најмалку заштитник на Уставот. Туку за жал покажа дека е пиун, извршител во рацете на неговиот партиски шеф Зоран Заев“, рече Мицкоски, откако го обвини Пендаровски и за злоупотреба на инструментот вонредна состојба, за нереагирање за поскапувањето на струјата, за нереагирање за лошото справување со Ковид кризата, нереагирање за затворените граници за македонските државјани, за молк за криминал и корупција во актуелната влада, за економската криза, па и за започнувањето на учебната година.

Прочитајте и:  Апасиев праша за признавање на Палестина, премиерот Мицкоски повика на мир

Според Мицкоски, „узурпирањето“ на мандатот, како што го нарекува, е со цел да се купат дополнителни 20 дена во кои Заев ќе прави непринципиелен и нехуман притисок и уцени врз пратеници за да обезбеди мнозинство во парламентот.

Според најновите информации, Претседателот на државата го примил Мицкоски и средбата е во тек. На средбата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е придружуван и од професорката Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка во новиот парламентарен состав.

Во обраќањето од вила Водно, пак, Заев објасни дека претседателот го врачува мандатот согласно уставната уредба според која треба да го додели во рок од 10 дена по конститурање на Собранието, односно верификација на пратеничките мандати. Другата уставна уредба, истакна Заев, наложува дека мандатарот има 20 дена да се обиде да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за формирање влада.

Фото: Курир

 

- Реклама -