Мицкоски: Пописот со матичен број е политички пазар на Заев, нема потреба Македонија да измислува како се прави попис

Недозволиво е граѓаните да се попишуваат само со матичните броеви, со што ќе се отвори простор еден член на семејството да ги попишува сите други, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во гостувањето во „Топ Тема“ на Телма.

Со ваквата избрана методологија, која се обидуваат да ја протуркаат на брза трака во Собранието, ќе се попишуваат практично сите оние кои што имаат матичен број во Република Македонија, тврди Мицкоски, истакнувајќи дека тоа остава простор за злоупотреби, бидејќи поседувањето матичен број не значи дека лицето е државјанин на Република Македонија, ниту пак е гаранција дека лицето е сè уште живо. Има и граѓани кои се откажале од македонското државјанство за да се стекнат со други државанства, потсетува лидерот на опозицијата.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не е против пописот и не е против статистичка операција која ќе ја прикаже реалната слика, која пак, според него, ќе има клучно значење за тоа како држвата ќе се развива во следните 10 години. Но Мицкоски исто така истакна и дека не е можно да се носат закони во кои нема да учествува опозицијата, притоа оценувајќи дека законот за попис воопшто не наликува на она што реално треба да биде, поради што Мицкоски заклучува дека се работи за уште еден политички пазар и отплаќање на политички долгови од страна на премиерот Зоран Заев.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

„Се знае каква е директивата на Еуростат и се знае како се врши попис на домаќинства и граѓани во Република Македонија. И не треба да сме ние многу аналитични и да измислуваме нешто ново, туку треба да го практицираме она коешто денеска современите европски држави го практикуваат кога го попишуваат населението и домаќинствата во нивните држави“, рече Мицкоски.

Кога се отпочнува ваква сериозна статистичка операција, логично е да бидат поканети сите чинители во земјата, додаде тој, оценувајќи дека ваквиот развој на настаните околу пописот е „спротивен на сè она што го слушаме како стихотворба за ЕУ интеграциите“.

- Реклама -