Мицкоски до Пендаровски: „Претседателе, доста се криеш, бекни нешто!“

„Претседателе Пендаровски, доста се криеш, бекни нешто“, му порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на шефот на државата, повикувајќи го да застане зад правото, законите и Уставот, откако денеска во Собранието пратеници од владејачкото мнозинство кои се позитивни на Ковид-19 и имаат решенија за самоизолација, со скафандери присуствуваа и гласаа на седниците и помогнаа, притоа, да биде изгласан и петтиот пакет економски мерки.

Мицкоски, меѓутоа, го повикува Пендаровски да не ги потпишува законите кои беа изгласани на оваа седница, порачувајќи му дека ова му е прилика да докаже дека со право е на функцијата Претседател на државата.

„Тоа што Заев дозволил да биде заложник на Талат Џафери, тоа што пратениците од СДСМ одлучија да бидат слуги на инаетот и фрустрацијата на еден човек, нека биде нивен срам, но ти имаш можност барем еднаш да покажеш дека си достоен за функцијата која ја извршуваш и не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница“, пишува Мицкоски.

Воедно, тој најави дека пратеничката група на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои, според него, денеска го прекршиле законот, а поради, како што вели, инаетот и фрустрацијата на еден човек. Во тој контекст, Мицкоски го прозва и Обвинителството, кое, според него, има можност првпат да покаже дека не му робува на Зоран Заев и владиното мнозинство.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

„Правда ќе има со ова или некое друго ослободено обвинителство. Сторителите ќе одговараат, Ви ветувам лично дека тие ќе одговараат од прв до последен“, порача Мицкоски.

Претходно, тој денешните случувања во Собранието ги спореди со случувањата од 27 април, квалификувајќи ги денешните, а не тие од 2017 година, како „тероризам“.

„Ова во Собрание е тероризам, а не 27 април! Кога законите и правилата не важат за власта. Медиумите пишуваа дека човек почина затоа што немало брза помош, а денес за аздисот на власта и пратеничката има. Крајот брзо ќе им се случи, а ќе има и кривични пријави и одговорност за кршењето на протоколите, законите и Уставот!“, напиша Мицкоски.

- Реклама -