Мицкоски обвинува за екоцид, од РЕК „Битола“ велат дека се работи за повремено краткотрајно тестирање на постројка (ФОТО/ВИДЕО)

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, објавувајќи неколку фотографии и видео од облаци од црн чад од електраната РЕК „Битола“, обвини за екоцид и побара кривична одговорност.

РЕК Битола денес/деновиве. Кој ќе одговара кривично за овој ЕКОцид? Ајде колега Тупанчевски да го видиме на дело вашиот предлог како ќе функционира…

Posted by Hristijan Mickoski on Monday, August 29, 2022

По објавата на Мицкоски, од АД ЕСМ одговорија дека РЕК „Битола“ врши повремено тестирање на постројката „стартна котлара”, чија намена, како што велат, е да дава поддршка на блоковите при потреба за зголемено количество водена пареа за турбините.

„Таква проверка на функционалноста е направена денеска помеѓу 6:30 и 7:00 часот, при што е утврдено дека истата е функционална и е на располагање да се вклучи во системот во секој момент, за краткотрајно зголемување на снагата на блоковите во одредени куси периоди во текот на производниот процес“, информираа од АД ЕСМ.

Како што се потенцира во соопштението, оваа постројка работи на мазут и „во првите моменти од пуштачките операции има зголемено испуштање на чад и издувни гасови“.

По извршеното кусо тестирање, стартната котлара е повторно исклучена, велат од АД ЕСМ, од каде споделија фотографија од работењето на РЕК „Битола“ во овој момент, од коja, како што велат, се гледа работењето на термоелектраната со два блока.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„АД ЕСМ вложува максимално напори за работење по сите стандарди, во услови кога производството на електрична енергија од јаглен и мазут во услови на енергетска криза е неизбежно. Граѓаните да бидат спокојни во однос на посветеноста на компанијата да ги одржува електраните и да вложува во обновливи извори“, уверуваат од АД ЕСМ.

„АД ЕСМ во последните пет години имаше исклучителни вложување во проекти за заштита на околината и намалување на загадувањето, како што се капитални и редовни ремонти на блоковите со што се оптимизира нивната работа и се намалува загадувањето при нивното работење, стандардизирано одлагање на пепелта преку водено отпепелување, отворање нова касета за пепел, пошување со багремови садници и создавање зелен појас кон населените места, редовно чистење, постапка за добивање А-интегрирана дозвола, како и проекти за поставување сончеви електрани и гасна електрана во РЕК Битола“, се додава во соопштението.

- Реклама -