Мицкоски на Фејсбук: Благодарност до премиерот Орбан за испорачаната помош што му ја побарав минатата недела

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, утрово на скопскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петар Сијарто кој во рамките на посетата донесе заштитна опрема за борба против КОВИД-19, како помош за нашата земја. Сијарто допатува во Скопје со специјален воен карго авион директно од Унгарија со пакети помош од 100 илјади заштитни маски и пет илјади заштитни скафандери.

„Северна Македонија и Унгарија имаат одлична билатерална соработка, за што сведочи и денешната поддршка, која во вакви застрашувачки времиња, кога секој се бори да обезбеди средства за сопствени потреби, покажаа навистина несебична солидарност од страна на Република Унгарија“, изјави Османи, упатувајќи лична благодарност до министерот Петар Сијарто за севкупната поддршка на Република Унгарија за земјава.

Лична благодарност упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како до Сијарто, така и до унгарскиот премиер Виктор Орбан и целата унгарска влада:

„Загрижувачката состојба со корона вирусот не може да остави рамнодушен никого. Токму затоа сметам дека потребно е да се покаже хуманост и да се дејствува, секој во рамките на своите можности и средствата со кои располага. Времето поминато во политиканство и ниски страсти значи пропуштено време да се дејствува и вистински да се помогне. Затоа решив да помогнеме од позиција на опозиција со сите наши сили и онолку колку дозволуваат условите.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Сакам да испратам посебна благодарност до унгарската влада која во овие тешки моменти за сите, одвои средства и испрати помош за македонските граѓани. Денеска пристигнува Унгарскиот министер за надворешни работи и голем пријател на Македонија, Петер Сијарто заедно со пакети помош составена од маски и медицински заштитни одела за луѓето во првата линија во борба против пандемијата. Благодарност до премиерот Виктор Орбан и до целата влада од која минатата недела побарав, а денес испорача помош значајна за нашите луѓе кои се борат да спасат животи.

Воедно благодарност што во услови на затворени граници, ова ќе биде прва официјална посета на земја членка на ЕУ во овие кризни времиња. Пријателите се познаваат во тешките моменти. Истовремено ќе продолжам да лобирам, остварувам контакти и во рамките на можностите да барам помош за нашата земја. Благодарност и до вистинските херои кои се борат на дневна основа за нашето заедничко здравје. Сакам да соопштам дека многу брзо ќе поднесеме и уредба до владата за парична награда за оние кои се вклучени во заштитата на здравјето и борбата против короната. Потребна е поддршка и заедничка грижа за хероите. Се надевам дека целата влада ќе ја поддржат иницијативата, но уште поважно, така заеднички ќе испратиме благодарност до оние кои се вложуваат себе си, за сите нас!“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

- Реклама -