Мицкоски: Министерот за прогон испрати специјалци во домовите на 15-тина активисти на ВМРО-ДПМНЕ

„Ова за што пишувам денес не е само статистички податок, туку суров факт за болната реалност во нашата земја и за тоа како владата ја гуши слободната мисла и крикот на граѓанинот против овие црнила кои надвиснале на нашата земја“, го почнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, своето обраќање до јавноста преку Фејсбук.

Тој истакнува дека и покрај советите од дел од неговите соработници „да не се отвара премногу“, во страв да не предизвика резервираност кај граѓаните, негова обврска како човек, но и лидер на најголемата опозициска партија, е да се држи до вистината. Мицкоски истакнува дека верува дека во карактерот на Македонецот е пред сé пркос кон неправдите, а во суштината на неговото постоење – безусловна борба за слободата, против сите што ќе ја потиснат, извалкаат или ќе пробаат да му ја одземат.

„На последниот протест пред владата само споменав, но денес пишувам подетално за работите кои не ги ветија, но ги остваруваат. Министерот за прогон и тортура Спасовски со политички контролираниот дел од полицијата (значи не оние чесни полицајци кои работат за плата,туку оние на кои им се делат политички задачи) минатата недела упаднаа во домовите на петнаесетина активисти и отворени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, значи не поранешни или актуелни функционери, туку обични, лојални членови на партијата, кои отворено застанаа против црното владеење на Заев и СДСМ незадоволни од она што се случува во нашата држава. Со специјалци, огнено оружје во домовите на честити луѓе, домаќини, но однеднаш за соседите, и согласно употребената полициска сила стануваат сомнителни поединци за кои има “сомнеж за антидржавно делување”. Еден од нив има три деца, а можете да замислите каков надреален трилер е само за неговите малолетни деца кога специјалци вооружани прават претрес во детската соба затоа што единствен грев на неговиот татко е што мисли поразлично од власта, другиот го задржале во полициска станица зошто имал чаура зачувана од неговата свадба пред повеќе од десетина години, другиот сомнително им изгледал, а тоа според полицијата на Спасовски е тешко кривично дело во обид. Ако на комунистичкиот режим во првите години од минатиот систем им требало барем тројца сведоци, денес на Кацарска судството и Рускоска обвинителството не им треба ниту тоа, доволна е некоја измислена белешка или некое темно мастило од владиниот кабинет да прешкрта некој кој ја говори вистината, или некој нарачан обвинет кој уценет ќе каже се што тие сакаат“, пишува Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за можната средба со Мицотакис во Вашингтон: Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и добри соседи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати и порака до оние од власта – дека нема лезет од таквото (како опишаното) владеење и дека притисоците само дополнително ја зголемуваат решителноста на народот.

Мицкоски повика на Протестен марш во Кочани, а следната среда повторно и во Скопје.

Целиот статус во продолжение:

- Реклама -