Синоќа во Драмскиот театар во Скопје, дуото „Next Time“ ја промовираше својата нова преработка, овојпат на песната „Нешто ќе те питам бабо“. Воедно беше промовиран и музичкиот спот за песната, а како и преработките на „Ја излези Ѓурѓо” и „Слушам кај шумат шумите”, и оваа засега наидува (главно) на одлични реакции.
„Ние ова го правиме за аплаузот на публиката, ништо повеќе. Публиката е таа што сакаме да ја направиме горда. Ова не го правиме за нас, ова го правиме за нашата мајка Македонија!“, рекле браќата Стефан и Мартин на промоцијата, по која во салата се скандирало името „Македонија“.
Како што објави „Репортер.мк“, на промоцијата имало еден куп приврзаници и членови на ВМРО-ДПМНЕ. На промоцијата присуствувал и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој денеска на Фејсбук и јавно ја пофали преработката на Мартин и Стефан.
„Со оваа песна растевме, со оваа песна ќе продолжиме да работиме, за нејзе, за Македонија. Одлично сработено дело. Македонија вечна! ❤ Браво момци“, порача Мицкоски.
Од „Некст тајм“ инсистираат дека политичарите на промоцијата дошле по своја волја, додека тие се заинтересирани само за музиката и публиката.