Мицкоски: Ако Фон дер Лајен намерно нѐ нарекува „Северномакедонци“, тоа е страшно

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не знае на што претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го темели својот вчерашен коментар кога на новинарски прашања по прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски изрази увереност дека ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани во Собранието.

„Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности, тогаш еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи“, рече Мицкоски прашан да ја коментира изјавата на Фон дер Лајен. „Ние имаме јасна позиција – нема да поддржиме уставни измени под овие услови“, повтори тој.

Мицкоски беше прашан и да го коментира тоа што Фон дер Лајен нѐ нарече „Северномакедонци“.

„Што се однесува до кованицата ‘северномакедонци’, јас жалам што упорно и упорно се греши нашиот идентитет, а тоа е македонски – македонски народ, македонска нација. Ако е тоа ненамерно, тогаш очекував барем тие што се до нејзе да ѝ кажат дека згрешила и да ја корегираат. Жалам што тие ја испуштија таа прилика. Ако е намерно, тогаш е страшно. Тогаш е страшно, тогаш тезата за асимилација на македонскиот народ се потврдува од највисокото ниво во Европа и очекувам денеска да се корегира Урсула фон дер Лајен и како што напиша на македонски, така и правилно да го изговори македонскиот народ“, рече Мицкоски.

Во однос на пакетот на помош што го најави Фон дер Лајен, Мицкоски рече дека секоја помош е добредојдена и дека тој очекува помошта да се продлабочи, пред сѐ со доделување грант во однос на изградбата на пругата кон Бугарија, финансиска поддршка и за коридорите 8 и 10а, како и за енергетски проекти, како што е изградбата на хидроелектраната Чебрен.

Прочитајте и:  Божиновска: Имам само македонско и чешко државјанство, немам важечки бугарски документи

По однос на вчера потпишаниот Договор со Фронтекс и тоа што беше потпишан на македонски јазик, Мицкоски посочи дека прашањето на јазикот е завршена работа, дека јазикот е признаен од Обединетите Нации и кодифициран со сите јазични и научни норми, и поради тоа, како што рече, никој не треба да го отвора ова прашање. Договорот со Фронтекс, додаде, е еден од стотиците спогодби што земјата ги има потпишано со меѓународни институции, вклучително и со ЕУ.

„Затоа велам, еден од стотиците кои што се потпишани во минатото. Македонскиот јазик е стекнато право, македонскиот јазик е признат заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик уште во поранешната Федерација, како дел од македонскиот идентитет, како дел од идентитетот на тогаш конститутивниот народ. Македонскиот народ е дел од ОН со самиот влез на таа поранешна Федерација, признаен од Обединетите Нации, кодифициран 77-мата. Тоа е константа и мислам дека колку повеќе ја отвораме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет. Тоа е затворено прашање, не треба воопшто некој ниту да го отвора, ниту да го подотворува. Македонскиот јазик е константа и за тоа не треба преговори и разговори“, истакна Мицкоски, кој при тоа го поздрави договорот со ФРОНТЕКС, оценувајќи го како додадена вредност во сферата на безбедноста.

- Реклама -