„Очигледно има какофонија после лидерската и тоа некој намерно го прави. И јас бев дел од прес конференциите на двајцата лидери после лидерската и двајцата констатираа дека нема договор, за потоа да се јават од СДС и ДУИ со неточни и селективни изјави по однос на целата работа“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски, во дневникот на ТВ „Канал 5“.
Мицевски истакна дека „СДС и ДУИ лажно ја пренесуваат изјавата“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, и ја предизвика власта да ги стави уставните измени на дневен ред, односно на гласање, па да види како ќе поминат.
„Би прашал, како координатор на најголемата пратеничка група во Собранието: Доколку има договор за уставните измени, зошто уште утре не ги внесат? Па да видат како ќе поминат тие уставни измени“, рече Мицевски.
Тој уште еднаш категорично го потврди ставот на ВМРО-ДПМНЕ – дека никој од нив нема да прифати и да гласа уставни измени под бугарски диктат.