Мис Франција: Мојата кратка коса е победа на „различноста“


Девојката избрана за Мис на Франција за 2024 година го опиша својот успех како победа на „различноста“, добивајќи пофалби за кратката коса, како и предвидливи критики од гледачите на изборот за убавина, кои се соочија со обвинувања за сексизам.

„Никој не треба да дефинира кој сте“, рече 20-годишната Ева Жилс, единствената овогодинешна натпреварувачка со кратка коса.

„Навикнати сме да гледаме убави девојки со долга коса, но јас избрав андроген изглед со кратка коса“, изјави таа по победата во саботата вечерта, додавајќи дека секоја „жена е различна, сите сме единствени“.

Девојката од село во близина на Данкерк во северна Франција беше избрана пред 5.000 гледачи во градот Дижон. Половина од бодовите ги одреди публиката, а другата половина жири составено од седум жени.

На социјалните мрежи, многу гледачи реагираа со ентузијазам, демантирајќи ги критичарите кои нејзиниот избор го прикажуваа како политизиран.

„Можеби новата Мис на Франција не е прекрасна во твоите очи, но нејзината кратка коса да ја сметаш за гест на чувствителност на социјалните неправди… Просто е смешно“, објави една обожавателка на новата Мис на Франција на Х.

„Ева Жил е новата Мис на Франција за 2024 година, вашата злонамерна и бескорисна критика нема да го смени тоа, таа е прекрасна“, рече друг корисник на X.

Натпреварувањето е „исто сексистичко“ како порано

Победата на Ева Жил доаѓа помалку од една недела откако судот нареди француска телевизија и продукциска куќа да им исплати обештетување на двете претходни финалистки за Мис на Франција затоа што тајно ги снимале и ги покажале нивните голи гради во етерот. Судот утврди дека и двете жени биле снимени во гардеробите „без нивно знаење“.

Алексија Ларош-Жубер, извршен директор на „Banijay France“, која е сопственик на брендот Мис Франција, го бранеше натпреварот како симбол на „успех“ што им овозможува на натпреварувачките да се издигнат во општеството кои подоцна стануваат „деловни жени, докторки или филмски режисери“.

Критериумите на натпреварот се „модернизирани“, рече таа, на таков начин што веќе нема старосна граница за учесниците, кои сега можат да бидат и во брак или трансродови.

Сепак, критичарите сметаат дека развојот на натпреварувањето е недоволен.

Мелинда Бизри од Лигата за човекови права во Дижон, која повика на бојкот на натпреварот, тврди: „Жените цел живот се злоупотребуваа за да ги постигнат овие фантазмагорични критериуми, според обрасци за кои е потребно многу долго време да се деконструираат“, вели таа.

„Изборот за Мис на Франција сè уште е исто толку сексистички во начинот на кој ги класифицира жените според критериумите за убавина“, додаде Виолен де Филипис, портпаролка на Dare Feminism!

- Реклама -