Министерот за здравство Таравари најави нови разрешувања, спојување на Клинички центар и децентрализација на здравството

Повеќе фокус на јавното здравство, разрешување на сите економски директори, измени во Законот за здравствена заштита и спојување на Клиничката болница најави министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната изјава по средбата со американската амбасадорка, Анџела Агелер.

Министерот Таравари изјави и дека ќе работат на децентрализација на здравството со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во останатите клинички болници од земјава.

– Ќе дадеме повеќе фокус на јавното здравство. Тринаесет економски директори се веќе разрешени, а ќе продолжиме и во идниот период да ги разрешиме и другите. Во меѓувреме, Нацрт-законот за измени на Законот за здравствена заштита е направен и е испратен во Влада. Се надевам дека на една од наредните седници идната недела ќе помине и како одлука на Влада дека планираме Клиничката болница да се спои во рок од една година, и дека планираме да работиме на регионализација, односно децентрализација на здравството сè со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници во Тетово, Штип, Битола, Охрид и Струга, рече тој.

Во однос на прашањето дали ќе има нови разрешувања или назначувања, министерот Таравари информираше дека од понеделник ќе започнат со нови назначувања.

– Назначување немаме, од разрешување – 13 се досега разрешени. Сите по клиники не ги паметам, меѓутоа, можеби до крајот на идната недела ќе бидат сите, се надеваме, ако помине Предлог-законот што е поднесен во Влада. Назначувања нема освен Онкологија, Токсикологија за тоа што сте информирани. Од понеделник ќе почнеме со нови назначувања, рече тој.

Помеѓу економските директори кои беа разрешени беа директорите на Универзитетската клиника за токсикологија, Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, Универзитетската клиника за психијатрија, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, Универзитетската клиника за неврологија, Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат – максилофацијална хирургија, Универзитетската клиника за дерматологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања, како и на психијатриската болница „Скопје“.

- Реклама -