Организацијата за права на жените Fawcett Society дојде до бројки кои воопшто не им се допаѓаат. Имено, 41 отсто од испитаните мажи на возраст од 18 до 24 години сметаат дека пијаните жени и жените кои носат мини-здолништа сносат дел од одговорноста за тоа што се сексуално нападнати.
Сем Смедерс, претставник на организацијата, вели дека е апсолутно шокирана од застапеноста на „културата на вина“ и особено културата на обвинување на жртвата, која очигледно е длабоко вкоренета во многу земји.
Но има и полошо:
„Мизогинијата или омразата кон жените кои ја пројавуваат самите жени е посебно болна појава“, наведува Смедерс.
Имено, дури 30% од жените на возраст меѓу 18 и 34 години сметаат дека пијаните девојки во мини-здолништа се целосно или делумно одговорни за сексуалните напади. Постарите жени се повеќе склони кон таков став отколку младите – дури 55% од постарите од 65 години сметаат дека нападнатите жени се виновни.
Што се однесува до мажите во оваа старосна граница, процентот на испитаници што сметаат дека жените сносат вина е 48 отсто.
За Смедерс, луѓето кои ги обвинуваат жените во случаите во кои се нападнати или силувани – го успоруваат развојот на општеството. Според Смедерс, клучот за опстанокот на така назадното и опасно размислување лежи во културната норма според која „жената е крива за сé“. Таа истакнува дека луѓето мораат конечно да сфатат дека женското однесување и избор на гардероба нема врска со нападите, и дека целата вина ја сноси напаѓачот, т.е. изборот што тој го прави кога се решава на таков чекор.
Резултатите на Fawcett Society се базирани на анкета спроведена кон крајот на 2015 година, направена врз 8.000 испитаници, со подеднаква застапеност на мажи и жени.