Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ по списокот на Каракачанов: Ајде да забраниме пратеници со двојно државјанство

Списокот на Каракачанов ги раздвижи македонските пратеници, па покрај острите деманти, од ВМРО-ДПМНЕ денеска стигна и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратеници, со кој се воведува член според кој еден од условите за некој да биде пратеник е да биде државјанин само на Република Македонија, односно да нема државјанство и од друга држава.

Ваквите измени пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, во денешното гостување во „Радио Лидер“, ги понуди како решение за, како што рече, обидите на власта преку лажните вести на Каракачанов кои ѝ служат како гума за спасување, да се дефокусира јавноста од низата скандали. Тој најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ амандманот ќе го поднесе во текот на следниве денови, додавајќи дека треба да се направи паралела и за пратениците да важат истите услови како и за амбасадорите (да имаат само македонско државјанство).

Само нешто подоцна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски, и официјално го соопшти предлогот.

„Во врска со наводните бугарски пасоши на пратениците и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, со цел задскривајќи ги аферите и скандалите кои што ги има власта, за да ги прекинеме димните завеси кои што ги крена најдобриот пријател на Зоран Заев – Каракачанов, кој што шири лажни вести, редно е да заврши времето во кое што Заев ги донесе македонската политика и македонските политичари до потсмев, како што вели Каракачанов, и од таа причина поднесуваме Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратеници.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Измените во предлог законот се во два члена, и тоа во условите за избор на пратеници, каде што додаваме нов член во кој велиме дека за лицето да биде избрано за пратеник – треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на Република Македонија.

Ваков услов има и во Законот за надворешни работи и бараме оваа одредба од членот на овој закон да се усогласи со Изборниот законик во рок од триесет дена по влегувањето во сила“, рече Мицевски.

Тој потенцираше дека предлог-законот го потпишале сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, па ги повика и пратениците од СДСМ и од другите политички партии да го поддржат ваквото законско решение.

Мицевски појасни и дека (доколку законското решение се донесе во наредниве денови со усогласување во Изборниот законик во наредните триесет дена) бараат ова да важи и за овој пратенички мандат.

- Реклама -